Фото: Пиксабеј / Илустрација

Членката на НАТО, Романија ја денеска ја повлече од употреба својата флота од борбени авиони МиГ -21 Лансер поради нивната „висока стапка на несреќи“ и ќе го забрза планираното купување на користени ловци Ф-16 од Норвешка.

Овој потег не е поврзан со руската инвазија на Украина, со која Романија дели 650 километри граница.

Романија засега ќе продолжи да лета со својата мала флота од авиони Ф-16 што ги купи од Португалија, соопшти Министерството за одбрана. Воздушниот простор на Романија го бранат сојузничките сили како дел од заштитата на источното крило на НАТО.

Романија ги купи сегашните авиони Ф-16 од Португалија во 2016 година за да го почне процесот на пензионирање на МиГ-овите од советската ера. Министерството најави дека ќе го забрза процесот за купување од Норвешка на уште 32 авиони од овој тип американски ловци.

Последната несреќа на романски МИГ-21 се случи на почетокот на март, кога во несреќата загина пилотот. Седум војници кои беа испратени во потрага по паднатиот борбен авион загинаа во хеликоптерска несреќа.

Романија, која е членка на НАТО од 2004 година, планира следната година да ги зголеми трошоците за одбрана на 2,5 отсто од БДП од сегашните два отсто, изјави претседателот Клаус Јоханис минатиот месец.

Во земјата моментално има 3.000 војници на НАТО, а на нејзина територија ќе биде формирана постојана борбена група на Алијансата.