Што е содржината на средбата на највисоко ниво во Иран, меѓу Путин и Раиси?

Вчерашната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Техеран, каде што се сретна со својот ирански колега Ебрахим Раиси, предизвика огромен интерес кај медиумите низ светот. Очекувано, може да се каже, ако се има предвид дека тоа беше прво патување на шефот на Кремљ надвор од земјите на поранешниот Советски Сојуз (СССР) од почетокот на инвазијата на Украина. Путин последниве години ретко патуваше во странство, прво поради пандемијата, а потоа поради кризата предизвикана од инвазијата на Украина. Неговата последна посета во странство надвор од поранешните советски републики беше во февруари во Кина.
Но она што е уште позначајно, е дека Путин ги окарактеризира обидите на Западот да ја уништи руската економија, со најсилните санкции во модерната историја, како објавување економска војна и рече дека Русија се врти кон Кина, Индија и кон Иран. И трето, рускиот лидер пристига во Техеран за да ја одржи својата прва средба со Хаменеи, врховниот лидер што дојде на власт во 1989 година, само три дена откако претседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, ја заврши посетата на Саудиска Арабија.
Сепак, најважната поента од оваа посета е дека со заминувањето во Исламската Република како дел од неговата прва странска посета од почетокот на војната во Украина, Путин испраќа јасна порака до Западот дека Русија сака да гради односи со Иран, американски непријател од револуцијата во 1979 година.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, пред патувањето изјави дека Русија и Иран долго време се цел на западните санкции, што, според неговите зборови, е цената на суверенитетот.
За Техеран, пак, воспоставувањето врски со Путиновата Русија е начин да се балансира влијанието на САД и нивните сојузи низ Заливот со арапските владетели и Израел. „Потребен ни е силен сојузник, а Москва е суперсила“, рече висок ирански функционер, кој сакаше да остане анонимен. Зајакнат од високите цени на нафтата, Техеран се надева дека со поддршка од Русија ќе изврши притисок врз Вашингтон да понуди отстапки за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година.
Запрашан за коментар за можното зголемување на трговската размена меѓу Русија и Иран од сегашните четири милијарди долари на 10-15 милијарди, Песков рече дека тоа може да биде значително повеќе.
– Рускиот лидер е поддржувач на идејата дека треба да се оди со најамбициозните цели. Сигурен сум дека претседателот Путин верува дека е можно да се стигне до високото скалило. Тоа се реални стандарди за нас, потенцијалот на нашите две земји е голем. Москва и Техеран треба да направат многу, не само на билатерално ниво – додаде Песков.
Путиновата посета на Иран се совпадна и со посетата на турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, а двајцата лидери во Техеран разговараа за договорот за повторен извоз на жито од Црно Море, како и за заканата на Ердоган дека ќе почне нова операција во северна Сирија, на што Москва силно се противи.


САД им се заканија на Кина и на Иран, доколку ѝ помогнат на Русија

Соединетите Американски Држави „заедно со десетиците сојузници“ ќе бараат Кина и Иран да платат висока цена доколку ѝ испорачаат оружја на Русија или ѝ помогнат да ги заобиколи западните санкции воведени поради војната во Украина, се закани во понеделникот портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс.
Портпаролот на дипломатијата на САД истакна дека Вашингтон сѐ уште не забележал такви активности, но внимателно го следат почитувањето на сеопфатните санкции што против Русија ги воведе т.н. „колективен Запад“, предводен од Вашингтон.
– Испораките на оружје или каква и да е помош од страна на Кина за Русија за систематско избегнување на санкциите без преседан, контролата на извозот и финансиските мерки… ќе повлече многу висока цена што ќе биде побарана не само од САД туку и во содејство со десетици земји низ светот – изјави Прајс, чија земја и нејзините сојузници на Украина изминатите осум години ѝ испорачаа и сѐ уште испорачуваат оружје од стотици милијарди долари.
Портпаролот додаде дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен го повторил ваквото предупредува за Пекинг во текот на неодамнешниот состанок со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
На истиот брифинг за новинарите, Прајс му се закани и на Иран со воведување нови санкции доколку Иран на Русија ѝ ги префрли беспилотните летала од иранско производството, за што пишуваа американските медиуми, но не е потврдено од Москва и од Техеран пред посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Исламската Република.
Претходно минатата седмица по медиумите и администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, без да даде докази, објави дека Иран, наводно, планира на Русија да ѝ испорача неколку стотици беспилотни летала, меѓу кои и такви што може да понесат оружје.

Подготвил: Марјан Велевски