Бугарскиот премиер Румен Радев денеска изјави дека нема да бидат дозволени санкции кон Русија кои негативно влијаат врз бугарската економија и додаде дека денеска ќе се дознаа како ќе гласа Бугарија за предвидените санкции од Европска Унија (ЕУ) за Русија.
– Војната во Украина одамна ги надмина рововите и се прошири на економијата, енергетиката, спортот, културата, а сега почнува да ја опфаќа и религијата. Мислам дека времето за крстоносни војни е завршено. Каква порака испраќаме кога ги прошируваме санкциите и војната на религијата? Дали сфаќаме каде води ова – изјави Радев, пренесе МИА.
Шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова-Чамова вчера изјави дека Софија е против некои санкции на ЕУ кон Русија односно оти не поддржува воведување на симболични санкции од ЕУ кон рускиот патријарх Кирил.
– Не ме интересира рускиот патријарх, ме интересира фактот дека тој е поглавар на Руската православна црква, која е источноправославна како нашата црква. Ме интересираат сите овие милиони луѓе што се во оваа црква – рече Радев.
Тој одговарајќи на новинарско прашање дали го осудува рускиот напад врз Киевско-Печорската лавра, Радев истакна дека го осудува секој напад врз цивилни објекти.
Во Брисел вечер почнува дводневниот Самит на ЕУ, фокусиран на Украина, следниот долгорочен буџет на ЕУ и глобалните економски предизвици. На Самитот се очекува и присуство на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Името на поглаварот на Руската православна црква, поддржувач на војната во Украина, редовно се споменува како потенцијално дополнување на листата на санкции. Во јуни 2022 година, неговото ставање на црната листа на ЕУ беше блокирано од тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан.
ЕУ пред два дена соопшти дека воведува санкции против 81 лице и организации, а продолжуваат разговорите за 21-от пакет санкции против Русија од нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.


































