Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, на состанокот на Северноатлантскиот совет во Брисел изјави дека државата со засилено темпо инвестира во развојот, модернизацијата и опремувањето на Армијата, со цел унапредување на националните одбранбени капацитети и исполнување на НАТО-стандардите.
– Силно сме посветени на развојот на националните одбранбени капацитети, кои се составен дел од колективната одбрана на Алијансата. Тоа е евидентно преку инвестициите во одбраната, но и преку процесот на модернизација и опремување, кој е видлив со секој изминат ден – изјави Мисајловски.
Како што соопштуваат од Министерството за одбрана, тој посочил дека се издвојуваат рекордни средства во одбраната, кои, како што нагласи, се користат ефикасно за опремување и модернизација, со што се овозможува исполнување на НАТО-целите за способности во предвидената динамика.
– Нашата држава прави исчекор во развојот на капацитетите – рече Мисајловски додавајќи дека во изминатата година е пристигната значајна воена опрема, која заедно со развојот на човечките ресурси овозможила Лесната пешадиска баталјонска група да биде оценета како „борбено способна за извршување на својата мисија“ според НАТО-стандардите.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски на состанокот на Северноатлантскиот совет во Брисел изјави дека државата со засилено темпо инвестира во развојот, модернизацијата и опремувањето на Армијата.
На маргините на состанокот министерот остварил билатерални разговори со повеќе колеги, меѓу кои и со грчкиот министер за национална одбрана, Николаос Дендијас. На средбата, како што информираат од Министерството за одбрана, била истакната заедничката стратешка определба за стабилен регион и силна колективна одбрана, како и значењето на континуираната одбранбена соработка.
Соговорниците ја нагласиле и отворената и конструктивна комуникација меѓу двете земји, која придонесува за реализација на заедничките активности од годишниот план за одбранбена соработка.
– Мисајловски додаде дека тековните инвестиции во одбраната и безбедноста, како и вложувањата во транспортната инфраструктура по должината на коридорите 8 и 10, придонесуваат за зајакнување на безбедноста и стабилноста во регионот и за подобра заштита на граѓаните – стои во соопштението.


































