Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе одржи состанок на кој ќе се разговара за мерките преземени по терористичкиот напад во петокот во Крокус Сити Хол во московската област, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– На состанокот ќе присуствуваат шефовите на безбедносниот и социјалниот сектор, како и претставници на Москва и Московската област – изјави Песков.
Според него, Путин се уште добива извештаи од сите служби за терористичкиот напад извршен во петокот во Крокус Сити Хол, во кој загинаа 137 лица.
Песков рече дека истрагата сè уште не дала конечна верзија за причините што довеле до терористичкиот напад.
– Истрагата се уште е во тек и засега не е објавена конкретна верзија. Претходните извештаи беа прелиминарни, а официјална верзија досега не е објавена. Останува да чекаме официјални информации од нашите официјални органи за спроведување на законот – нагласи Песков.
Тој посочи дека руските специјални служби самостојно го истражуваат терористичкиот напад во Крокус и оти не станува збор за помош од други земји.
На прашањето дали западните земји, кои претходно предупредувале за можни терористички напади во Москва, дале информации за терористичкиот напад во Крокус и дали Русија сега има потреба од таква помош, Песков рече дека нема контакти со западните земји во врска со истрагата за терористички напад во Крокус.
– Нашите служби работат независно, сега не станува збор за помош – рече Песков и оцени дека борбата против тероризмот бара меѓународна соработка, која во моментов ја нема поради конфронтации.