Ретроспективата на словачкиот класичен филм почна во саботата, во Кинотеката на Македонија. Ова е навистина ретка можност за македонската филмска публика да добие суштински увид во историјата на една релaтивно блиска кинематографија како што е словачката. Како што кажува и името на ретроспективата, тоа е селекција на класици на словачката кинематографија од периодот на комунистичка Чехословачка. Станува збор за филмови што се репрезентативни за развојот на словачкото кино, кои оставиле огромно влијание врз современите словачки филмски автори или се стекнале со култен статус. Оваа ретроспектива е разновидна и возбудлива селекција на филмски лектири. Вклучува филмови од различни видови и жанрови (играни, документарни, анимирани и кратки филмови).
Ревијата е организирана со помош на Словачкиот филмски институт и словачката амбасада во Скопје.
Отворањето беше во саботата со проекција на филмот „Дојди кај нас стар Шатерланд“, документарен филм (Чехословачка) од 1966 година, во режија на Душан Ханак. Приказната е саркастичен приказ на животот зад железната завеса. Наспроти фонот на конфронтацијата, која е во прв план меѓу локалците и испитувачките странци, режисерот Душан Ханак преку различни забавни визуелни и звучни ситуации ни ја открива исцрпеноста на социјалистичкото општество.
Потоа на програмата беше филмот „Слики од стариот свет“ исто така во режија на Душан Ханак, словачки документарен филм од 1962 година. Филмот прикажува повеќе живописни портрети на стари луѓе од словачките региони. Инспириран од фотографиите на Мартин Мартинчек, во овој филм режисерот ја користи својата чувствителност во прикажувањето на навистина уникатни ликови, нивните оригинални ставови кон животот и нивната восхитувачка невиност. Ова е еден од највлијателните словачки филмови на сите времиња. Поради критичниот однос кон тогашното социјалистичко уредување филмот долго време беше забранет, па својата официјална премиера ја имаше дури во 1988 година. Во 2000 година беше изгласан од словачката критика како најдобар словачки филм на 20 век.

Денеска ќе биде прикажан „Промоција“, анимиран филм од 1968 година во режија на Виктор Кубал. Белата врана не може да лета, но толку убедливо мавта со крилјата што добива работа како сообраќаен полицаец. Првиот ден завршува со судир на велосипед и човек што јава вол. Потоа на програмата е „Случајот на Кос Барнабаш“ од 1964 година во режија на Петер Солан. Тоа е сатирична комедија што го критикува лицемерството и ги илустрира трагикомичните последици од подемот и падот на еден совесен музичар. Утре ќе го видиме „Крстопати“ од 1965 година на Ладислав Куделка. Главниот град на Чехословачка во средината на 1960-тите. Фељтонистичко набљудување на улиците на Прага, нејзините преполни жители, траектории на луѓе од метрополата од различна возраст, воспитување, пол, националност или популарност… „Клучни години“ од 1967, пак, е дебитантски филм на режисерот Јурај Јакубиско, еден од најдобрите словачки режисери (изгласан во 2000 година за најдобар словачки режисер на 20 век). Филмот раскажува за сликарот Јурај, Словак, кој живее во Прага и кој беспомошно размислува за бесцелноста на својот живот. „Мистериозниот дедо“ на Виктор Кубал е исто така на репертоарот. „Бандитот Јурко“ на Кубал, пак, раскажува за една бурна ноќ во село во подножјето на планините кога се раѓа дете. Тоа е првиот долгометражен словачки анимиран филм. Автор на филмот е Виктор Кубал, сценарист, режисер и аниматор, кој е основоположникот на словачкиот анимиран филм.
Ретроспективата завршува в петок со „Два добри пријатела“ од 1972 година на Виктор Кубал. Истиот ден ќе го видиме и „Ноќни јавачи“, филм од 1982 година на искусниот словачки режисер Мартин Холи. Тоа е своевиден вестерн, авантуристички спектакл што се случува во Чехословачка непосредно по Првата светска војна. В.Д.