Фото: пиксабеј

Едно лице загина, а шестмина се повредени во пукотница во продавницата „Спирит Хелоуин“ во трговскиот центар „Солано Таун Центар“ во Ферфилд, Калифорнија. Полицијата трага по вооружениот напаѓач, соопштија официјални лица.

Најмалку тројца од повредените се во критична состојба, изјави началникот на полицијата во Ферфилд, Ден Маршал, пренесе „Ен-би-си“. Сите повредени биле пренесени во блиската болница.

Пукањето се случило синоќа околу 20.30 часот по локално време. Според Маршал, инспекторите работат на идентификување на осомничениот или осомничените одговорни за нападот.

Телевизијата KCRA објави сведоштво на жител на Ферфилд, чија сопруга се наоѓала во продавницата во моментот на пукањето. Таа успеала да избега со неколку други лица преку излез за итни случаи.

– Таа сега е дома, но сè уште е во шок – изјавил жителот.

Пукањето во Калифорнија се случило неколку часа по друг вооружен напад во продавница за Ноќта на вештерките во Медисон Хајтс, Мичиген, во кој загинал 21-годишен маж од Детроит.

Полицијата соопштила дека осомничениот за тој напад, исто така 21-годишник, бил повреден откако неколку минувачи го нападнале додека полицајците го приведувале. Неговите повреди не биле опасни по живот, а и тој бил пренесен во болница.

Полицијата очекува да поднесе кривични пријави против осомничениот. Засега нема индикации дека двете пукања се поврзани.