Фото: Полиција Луистон

Полицијата бара помош за пронаоѓање на осомничениот

Најмалку 15 лица се убиени во масовното пукање што се случило во градот Луистон во американската сојузна држава Мејн, јавуваат Би-би-си и Си-ен-ен, повикувајќи се на повеќе полициски извори.

Исто така, според непотврдени извештаи, најмалку 50 луѓе се ранети.

Генералниот медицински центар Мејн соопшти дека помага поради „масовна несреќа, масовно пукање“ и дека се координира со другите болници во областа за лекување на ранетите.

Полицијата го наведе Роберт Кард (40) како можен напаѓач и рече дека треба да се смета за „вооружен и опасен“, предупредувајќи дека е на слобода.

Канцеларијата на шерифот на округот Андроскогин објави две фотографии од осомничениот на Фејсбук, велејќи дека тој е во бегство. Полицијата објави фотографии и бара помош од јавноста за да се идентификува осомничениот на сликата, брадест маж во кошула со долги ракави и фармерки кој држи пушка.

На жителите на Луистон им е кажано да не излегуваат на улиците.

Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден е свесен за ситуацијата и ќе продолжи да информира. Бајден оствари индивидуални телефонски разговори со гувернерката на Мејн Џенет Милс, како и со сенаторите од Мејн, Ангус Кинг и Сузан Колинс и конгресменот Џаред Голден, објави Белата куќа. Претседателот понуди целосна федерална поддршка по пукањето.

Стотици полицајци се вклучени во потрагата по Роберт Кардо, додека жителите на Луистон добија наредба да се евакуираат. Два полициски извори потврдиле за „Асошиејтед прес“ дека бројот на жртвите се очекува да се зголеми.

„Сан журнал“, цитирајќи го портпаролот на полицијата во Луистон, објави дека напаѓачот пукал во две различни места, вклучително и ресторан.

Во меѓувреме, училиштата во областа ќе бидат затворени, рече во соопштението началникот на јавните училишта во Луистон, Џејк Ленглејс.

Државната полиција на Мејн, соопшти дека е отворен центар за луѓе кои имаат прашања за членовите на семејството, пријателите и други.