Фото: Принтскрин

Со барања за излегување на Словенија од НАТО и прекин на зголемувањето на воените трошоци, синоќа во Љубљана се одржа протест на кој демонстрантите упатија критики кон Алијансата, САД, Израел и актуелната надворешна политика на словенечката Влада.

Учесниците на протестот носеа транспаренти со пораки „Израелхел“ (Israhell), „НАТО = мочуриште“, „Повеќе не сакаме да сме робови на НАТО“, како и повици за воведување санкции кон САД и Израел и пренасочување на средствата за одбрана кон јавниот сектор.

Една од организаторите на протестот, Тара Маслаковиќ, изјави дека властите неоправдано го оправдуваат зголемувањето на воените расходи.

-Тие се обидуваат да го оправдаат зголемувањето на трошоците за одбрана и вооружување со љубовта кон мирот и безбедноста. Нема да бидеме обврзани со нивните лаги! – изјави Маслаковиќ.

Таа додаде дека и претходната либерална влада, и покрај декларативната поддршка за Палестина, не презела конкретни чекори против Израел, додека, според неа, актуелната десничарска влада води уште подиректна политика во таа насока.

Протестот се одржа по самитот на НАТО во Анкара, на кој лидерите разговараа за продолжување на поддршката за Украина и за исполнување на обврската земјите-членки до 2035 година да издвојуваат пет проценти од бруто-домашниот производ за одбрана.

Словенија годинава ќе издвојува помалку од два проценти од БДП за одбрана, но премиерот Јанез Јанша најави дополнителни 300 милиони евра за да се исполнат барањата на НАТО.

Во меѓувреме, претседателот на словенечкиот парламент, Зоран Стевановиќ, повторно ја отвори темата за можен референдум за членството во НАТО, оценувајќи дека најсоодветен термин за негово одржување би биле локалните избори што ќе се одржат наесен.