Џон Ли/Фото: Принт-скрин

Џон Ли е новиот лидер на Хонгконг, на местото на Кери Лам, откако вчера положи заклетва на функцијата, за време на посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг, по повод прославите на 25-годишнината од враќањето на територијата од Велика Британија во Кина, јави ДПА.

Ли е поранешен шеф на безбедноста на градот и се смета за протврдокорен приврзаник на политиката на Пекинг, па затоа во својот инаугуративен говор вети дека ќе ја продолжи интеграцијата на Хонгконг со копното.

Свеченостите претходно вчера почнаа со церемонија на кревање на знамето, додаде ДПА.

Знамето на Хонгконг беше кренато, заедно со кинеското знаме, на церемонијата во пристаништето Викторија. Втора година по ред, полицијата во Хонгконг маршираше во кинески стил, наместо да ги повторува британските вежби како претходно.

Според Ли, новите власти ќе ја зајакнат конкурентноста на Хонгконг и ќе ја развијат неговата економија, а акцентот ќе биде ставен врз развојот на покраината во насока на создавање меѓународен центар за иновации и технологија, а за да го постигне ова потребно е да се комбинира силата на Хонгконг и на континентална Кина.

И покрај тоа што Си не присуствуваше на традиционалната церемонија на кревање на знамето по повод оваа церемонија, тој вчера присуствуваше на церемонијата на положување заклетва, веднаш по неговото пристигнување во Хонгконг.