Фото: Принт-скрин

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска му го врачи мандатот на Асен Василев, вицепремиерот и министер за финансии во оставка, за тој да ја формира новата бугарска влада.

Овојпат довербата како нов мандатар ја доби Василев од неговата партија Продолжуваме со промената наспроти неговиот партиски колега Кирил Петков кој досега ја имаше функцијата премиер на Бугарија.

– Бугарија е во политичка, економска и социјална криза. Бугарите споделуваат легитимна загриженост за растот на цените и неизвесноста околу иднината. Од вчера имаме и надворешнополитичка криза – рече Радев при доделувањето на мандатот.

Василев смета дека добил огромна одговорност.

– За мене ова е огромна одговорност. Сите сме свесни дека во кризите со кои треба да се соочи Бугарија, исклучително е важно да се има влада. Исто така, важно е тој да работи во интерес на граѓаните, а не во интересот на статус-квото, и таа навистина да ги брани бугарските интереси и независноста на бугарската држава на ист начин како што тоа го правеше првиот кабинет на Продолжуваме со промената – рече Василев.

Владејачката партија има рок од седум дена да предложи владин состав. Доколку истиот не биде одобрен, мандатот ќе оди кај партијата ГЕРБ на Бојко Борисов.