Поранешниот израелски премиер Ехуд Барак потврди дека Израел има нуклеарно оружје, со што ѝ стави крај на долгогодишната политика на „нејасност“ по ова прашање, објави „Џуиш нешнл синдикејт“.
– Во разговорите меѓу Израелците и западните политички претставници, тие изразуваат длабока загриженост за можноста дека ако нападот врз системот успее во Израел, ќе се воспостави месијанска диктатура со нуклеарно оружје во срцето на Блискиот Исток – напиша тој на Твитер.
Тој го наведе американското истражување на професорката Ерика Ченовет и политикологот Марија Џ. Стефан, која беше коавторка на книгата од 2012 година, „Зошто функционира граѓанскиот отпор: Стратегиската логика на ненасилниот конфликт“.
Барак се профилираше како еден од најодлучните критичари на Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Очигледно, под „напад на системот“ тој мислеше на судската реформа на Нетанјаху, која предизвикува многу протести. Под „месијанска диктатура“ мислеше и на Нетанјаху, кој често се повикува на библиските референци и на „ветениот народ“.
Се верува дека во нуклеарниот истражувачки објект „Димон“, официјално наречен центар за нуклеарни истражувања „Шимон Перес Негев“, е сместена наводната израелска програма за нуклеарно оружје. Се проценува дека Израел има околу 200 нуклеарни боеви глави, пишува „Џуиш нешнл синдикејт“.