Според енергетската аналитичка компанија „Вортекс“, западните санкции ја поттикнаа Русија речиси целосно да ги префрли трговските патишта од Европа во Азија. Со таквиот потег, 91 отсто од извозот на Русија на сурова нафта во март беше реализиран во Кина и Индија

„Вортекс“: Во март Русија извезла 91 отсто од суровата нафта во Индија и Кина

Енергетската аналитичка компанија „Вортекс“ во својата анализа за јавноста наведува дека рускиот извоз на нафта и нафтени деривати изнесувал вкупно 6,75 милиони барели дневно (bpd) во март, враќајќи се на највисокото ниво на извоз во последните 10 месеци. Според заклучоците на анализата, Москва најде нови пристаништа за својата сурова нафта и нафтени деривати, особено во Азија, откако поради санкциите почна да ја губи својата најголема извозна дестинација, Европа.

Кина прв, Индија втор по големина светски увозник на руска нафта

Кинескиот увоз на сурова нафта од Русија минатиот месец достигна 1,65 милион барели дневно, надминувајќи ја Индија како најголем купувач на руска нафта. Во февруари, Кина увезуваше 1,1 милион барели на ден сурова нафта од Русија. Индија, која купува големи количества руска сурова нафта по намалени цени од почетокот на војната, увезуваше 1,43 милион барели дневно во март. Увозот на сурова нафта во Индија од Русија забележа драматичен пораст во последната година. Испораките на сурова нафта од Русија во Индија скокнаа од 68.000 барели дневно во март 2022 година на 1,43 милион барели дневно во март оваа година, што е приближно повеќе од дваесет и два пати зголемување.

Азија купува половина од сите руски нафтени деривати

Рускиот извоз на нафтени деривати достигна 3,37 милиони барели дневно минатиот месец, додека дизелот и бензинот учествуваат со 1,55 милион барели дневно од овој вкупен износ. Извозот на мазут беше втор по големина со 866.000 барели дневно. Азискиот Регион увезе 1,65 милион барели дневно нафтени деривати од Русија во март, што претставува 49 отсто од вкупниот руски извоз на сите нафтени деривати.
Сепак, руските извозни дестинации на нафтени деривати доживеаја поинаква, пошарена промена во споредба со дестинациите за сурова нафта. Бидејќи Европа беше единствениот регион што забележа пад на испораките на руски нафтени деривати, Блискиот Исток, Северна Африка и Латинска Америка заедно со Азија го зголемија увозот на нафтени деривати од Русија по војната.

Санкциите над Русија реално влијаат на испораките за Европа

Русија извезуваше 89.500 барели дневно сурова нафта во Бугарија, 59.860 барели дневно во Блискиот Исток и Северна Африка, 56.417 барели дневно во Турција и 29.338 барели дневно во Европската Унија, Норвешка, Швајцарија и Велика Британија.
Европскиот увоз на сурова нафта од Русија пред војната изнесуваше повеќе од 1,5 милион барели дневно. На почетокот на декември, ЕУ воведе ембарго за увоз на руска сурова нафта по морски пат, истиот ден кога ЕУ и Г7 се договорија да ја ограничат цената на руската сурова нафта на 60 долари за барел.