Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска најави дека многу скоро пратениците ќе имаат можност да гласаат за законот за правична застапеност, дека секој има право да го користи својот мајчин јазик, но некој се обидува да создава етнички конфликт каде што го нема и со тоа се остава лош пример. Премиерот нагласи дека државата се гради кога се поддржуваме едни со други.
– Многу скоро овде во Парламентот ќе имате можност да го гласате законот за правична застапеност, каде што процентите не се важни, туку квалитетот. Очекувам од вас поддршка. И познавам многу Албанци, многу, верувајте многу, дури можеби повеќе и од вас кои се мои пријатели семејни, другари блиски, кои не сакаат да се гледаат себе си низ проценти, рече Мицкоски од собраниска говорница, пренесува МИА.
Тој одговараше на прашање на пратеникот Скендер Реџепи од Европскиот фронт за тоа дали би поддржал уставни измени поврзани со јазичната политика.
– За правосудниот испит ако сте го прочитале законот ќе прочитате таму дека полагањето не е регулирано со законот на кој јазик ќе биде, туку тоа го уредува министерот, колку министри за правда биле од коалицијата која ја поддржувате, зошто не го уредиле? Затоа што сте лицемерни, затоа што сте патриоти од Али Експрес кога сте во опозиција, а во влада промовирате зелени еко агенди, во опозиција сакате да создадете етнички конфликт каде што го нема – кажа премиерот Мицкоски.
Пратеникот Реџепи зборуваше за одредницата 20 проценти поврзана со албанскиот јазик, но и за наводни навреди искажани кон Албанците. Ги спомена и Израел и други држави, но и Венецијанската комисија, за која тврдеше дека во европски држави не се консултираат со неа при носење на закони.
Мицкоски, како претседател на Владата се огради од ставовите на Реџепи дека Израел е геноцидна држава, како и дека Венецијанската комисија е неформално тело. Исто така тој потенцира дека кога веќе пратеникот зборува за мултиетничка држава треба истовремено да ги осуди и навредите искажани кон „каурите“ на спортските натпревари и неодамнешното исвиркување на национална химна, како и неносењето на македонското знаме од страна на лицата што протестираа за полагање правосуден испит и на албански јазик.
– Лош пример оставате за оние по вас. Вие сте опозиција и мислите дека на овој начин ќе привлечете внимание. Слушајте го мојот говор на Денот на светите просветители Кирил и Методиј, каде јасно и гласно кажав што значи мајчин јазик и дека секој има право да го користи својот мајчин јазик. Но, вие континуирано ги пропуштате шансите и сега велите Венецијанската комисија претставувала некое неформално тело, повторно како претседател на Влада морам да кажам се оградувам од ставот на пратеникот Скендер Реџепи затоа што покажа елементарно непознавање – додаде премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски појасни дека во новата методологија на преговори има тела кои се клучни, а едно од тие е Венецијанска комисија. Второто е Европскиот суд за човекови права.
– Венецијанската комисија кажува дали некој закон е согласно меѓународното право, и второ во тој Европски суд за човекови права лежат, фаќаат прашина 14 пресуди за нашето македонско братство, заедница во Бугарија кои Бугарија не ги применува. Очекував да кажете дека стоите позади вашите сограѓани Македонци и заедно ќе се бориме. Така настапува објективен поддржувач на соживотот во мултиетничка Македонија, моја и ваша татковина како Македонец и Албанец. Нашата заедничка татковина така се гради кога ќе се подржуваме едни со други. Јас поддржувам да не се гледаме низ призмата на проценти и затоа ќе имате можност многу скоро во Собрание да го гласате Законот за правична застапеност, каде процентите не се важни туку квалитетот. Очекувам поддршка. Не сакам да ги гледам луѓето низ проценти, туку низ квалитет и низ објективна оптика – потенцираше Мицкоски.
Премиерот кажа дека за да верува во чесните намери за мултиетничка земја очекувал од Реџепи денеска да биде малку пообјективен.
– Нема да навлегувам во делот кога државата Израел ја нарековте геноцидна држава. Јас би сакал во таа насока како претседател на Владата сакам јасно да кажам дека не стојам позади овој ваш став како пратеник во македонското Собрание, туку се оградувам од овој ваш став – рече Мицкоски.


































