Фото: МОН

Од 1 октомври студентите ќе бидат сместени во реконстуираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, а до септември најдоцна се очекува да почне реконструкција и реновирање на сите други студентски домови во Македонија, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која изврши увид во градежните активности за темелна реконструкција на студентски дом „Стив Наумов“ во скопската населба Автокоманда.

-Студентите добиваат модерни европски стандарди, студентски домови. И од сега па натаму нема бркање глодари, нема бркање инсекти, ќе имаат соодветна храна, ќе имаат соодветно сместување. Нема лепење прозорци, нема лифтови што се клатат, нема има топла вода, нема струја. И како што можете да видите, ова е сосема реално – изјави Јаневска.

Министерката потенцира дека од септември ќе има изградба и реконструкција на останатите седум други студентски домови во исто време. Станува збор за студентските домови во Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Пелагонија и кујната во Гоце. Работите ќе се одвиваат истовремено во зависност од големината на домот, реконструкциите и енергетската ефикасност, а ќе траат година и половина до две години.

-За две години ќе имаме комплетно нови студентски домови со европски стандарди – рече Јаневска.