Премиерите Ковачевски и Пленковиќ на официјалната средба во Скопје / Фото: Игор Бансколиев

Одгласи во Хрватска по посетата на хрватскиот премиер Пленковиќ на Македонија

Хрватската јавност и медиуми со внимание ја следеа посетата на премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Македонија. Посебно внимание медиумите ѝ посветија на неговата изјава дека „Хрватска ќе го цени спомнувањето на Хрватите во преамбулата на Уставот на Македонија“.

Македонците се одамна во хрватскиот устав, би било добро да има реципроцитет

– Во рамките на уставните измени, предложивме дека би го ценеле тоа доколку во преамбулата на Уставот се споменуваат и Хрватите, што би било добро со оглед на меѓусебната заштита на малцинствата – ја пренесуваат хрватските медиуми изјавата на Пленковиќ за новинарите по средбата со членовите на хрватската заедница на крајот од официјалната посета на Македонија.
Притоа се потсетува дека Хрватска и Македонија го потпишаа Договорот за заемна заштита на малцинствата во 2007 година, но Хрватска сепак сака Хрватите, кои ги има околу 4.000 во Македонија, да бидат споменати во македонскиот устав, исто како што и македонското малцинство е споменато во хрватскиот устав.
Во своите извештаи хрватските медиуми посебно го истакнуваат податокот дека двајцата премиери со задоволство констатирале дека постојат одлични односи меѓу двете земји без отворени прашања.
Имено, и трговската размена минатата година меѓу Хрватска и Македонија достигна речиси 300 милиони евра, а во 2022 година се забележани околу 290.000 ноќевања на Македонци во Хрватска.

Хрватските медиуми, цитирајќи го Пленковиќ, пошироко се осврнуваат на фактите за „неоправданото забавување на Македонија на патот кон ЕУ“

Хрватските медиуми им даваат пошироки објаснувања на своите читатели за актуелната ситуација во Македонија, па потсетуваат дека земјата заедно со Албанија доби зелено светло за отворање на преговорите со Европската Унија во 2020 година за време на хрватското претседателство со Советот на ЕУ, но бугарската блокада ги одложи и тоа беше овозможено дури во јули 2022 година.
– Откако Македонија ја реши грчката блокада за името, Бугарија се појави со свои барања, кои ги доведуваат во прашање македонскиот јазик и идентитет. Балканската земја сега е во фаза на таканаречен скрининг, усогласување на македонското законодавство со правото на ЕУ. Овој процес треба да трае до ноември годинава – изјави на оваа тема Пленковиќ.
Притоа хрватскиот премиер го истакнува и фактот дека „Македонија честопати беше неоправдано забавена на патот кон ЕУ“ што го навел и во разговорите со својот колега Димитар Ковачевски, кој истакнал дека Хрватска силно и цврсто ја поддржува во тоа.