Фото: Маја Јаневска-Илиева/ илустрација

Полицијата уапси три лица бидејќи во возилото во кое се превезувале биле пронајдени четири патни торби со вкупно околу 100 килограми висококвалитетна марихуана, во вредност од околу 300.000 евра. Според првичните сознанија, кои треба да ги потврди дополнителна истрага, марихуаната најверојатно потекнува од фабрика за производство на масло од канабис за медицински цели, а која при улична продажба би достигнала цена од 600.000 евра.
– Во средата, околу 20 часот, на булеварот Маршал Тито во Неготино, полициски службеници дале наредба за запирање возило „шкода октавија“ со скопски регистарски ознаки, но возилото не застанало, а веднаш потоа било запрено патничкото возило „мерцедес“. Притоа, возачот Б.А. се обидел да избега, но набргу бил фатен, а при преглед во возилото била пронајдена дрогата. Набргу, по преземени мерки, било пронајдено и запрено и возилото „шкода октавија“, кое го управувал М.А., а совозач бил Н.А., кое играло улога на претходница на возилото „мерцедес“. Подоцна, со судска наредба, биле извршени претреси во домовите на приведените лица, при што кај М.А. биле пронајдени и одземени два пиштола, кои ги поседувал без дозвола – соопшти Сузана Прањиќ Талевска од МВР.
Во врска со настанот, во текот на вчерашниот ден полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, заедно со претставници на Комисијата за оценување исполнетост на услови по однос на простор, опрема и кадар за добивање одобрение за одгледување канабис за медицински цели, при Министерството за здравство, требаше да извршат вонредни контроли во фабрики за производство на масло од канабис за медицински цели во околината на Кавадарци и Неготино.
Оваа акција и заплена на дрога се уште едни во низата заплени на Министерството за внатрешни работи, со што недвосмислено се продолжува со бескомпромисната борба против недозволената трговија со наркотични дроги, се вели во соопштението на МВР.