Илустрација / Фото: Пиксабеј

Властите во Уганда денеска ја затворија границата со Демократска Република Конго во обид да го спречат ширењето на еболата, откако бројот на заразени во соседната земја продолжува да расте.

Мерката ќе биде во сила во наредните четири недели и ќе важи за сите патници, освен за медицински, хуманитарни и безбедносни мисии, како и за транспорт на храна и стока.

Од уганските власти соопштија дека секое лице кое ќе добие дозвола за влез од ДР Конго ќе мора задолжително да помине 21-дневна изолација.

Во Уганда досега се регистрирани седум случаи на ебола и еден смртен случај, додека во Демократска Република Конго бројот на заразени надмина 900, а пријавени се и 220 смртни случаи.

Светската здравствена организација ја прогласи епидемијата на реткиот сој на ебола „Бундибугио“ за итна состојба од меѓународно значење.