Францускиот претседател во официјална посета на Кина

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој пристигна во Кина во тридневна државна посета, во Пекинг се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг. Макрон се ракуваше со Си во срцето на кинеската престолнина, при што беше пречекан со црвен тепих, кинески и француски знамиња и национални химни, пренесуваат медиумите од Пекинг.
– Војната во Украина ѝ нанесе удар на стабилноста. Знам дека можам да сметам на вас да ја вратите Русија на страната на разумот и сите страни на преговарачка маса – му рекол Макрон на Си.
За време на посетата на Пекинг, францускиот претседател рече дека Кина може да „игра значајна улога“ на патот кон мирот во Украина и ги поздрави „подготвеноста и посветеноста на Кина за решавање на конфликтот“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, му се придружи на Макрон во Пекинг. По тој повод, Макрон рече дека „сака да биде гласот што ја обединува Европа“ по прашањето за Украина, а неговото патување во Кина со шефицата на ЕК „дополнително ја нагласува доследноста на таквиот пристап“.