Плафонот на клучните каматни стапки ќе оди уште погоре, ќе се помести од 4,25 (односно 4,5) проценти и ќе оди на повисоко ниво, и тоа од 5 до 5,25 проценти, што дополнително ќе изврши притисок врз негативниот развој на американската економија

Поради очекувањата за натамошно зголемување на каматните стапки во САД и забавување на економскиот раст

Цената на нафтата на азиските берзи вчера се намали, само еден ден откако порасна за 1 отсто завчера, откако Кина, најголемиот увозник на нафта во светот и втор најголем потрошувач, ги отвори своите граници за време на викендот за првпат во три години. Фјучерсите на северноморскиот брент за испорака во март паднаа за 43 центи, или 0,5 отсто, на 79,22 долари за барел до 6.22 часот по македонско време, а американската лесна сурова нафта падна за 36 центи, или 0,5 отсто, на 74,27 долари за барел.
Експертите укажуваат дека цената на азиските берзи падна поради очекувањата дека натамошното зголемување на каматните стапки во САД, најголемиот светски потрошувач на нафта, ќе го забави економскиот раст и ќе ја ограничи побарувачката за гориво.
Имено, „Волстрит журнал“ цитираше два извора од Одборот на Федералните резерви, кои посочија дека плафонот на клучните каматни стапки треба да се помести од опсегот од 4,25 до 4,5 проценти на повисоко ниво од 5 до 5,25 проценти, што, сепак, може дополнително да врши притисок врз негативниот развој на американската економија, а со тоа и врз потрошувачката на нафта.
Економските експерти веќе подолго време укажуваат дека порастот на каматите може негативно да се одрази, бидејќи повисоките камати ги редуцираат инвестициите, а тоа се одразува и на намалување на економскиот раст, што ја продолжува кризата.