Фото: Дмитриј Песков/ твитер

Кремљ денеска го осуди „намерниот акт на саботажа“ од страна на Киев по делумното уништување на браната Каховка, во јужна украинска област Херсон, која делумно е под руска окупација, јави Бета.

-Тоа е недвосмислено намерен акт на саботажа од страна на Украина, што е планиран и извршен по наредба на Киев, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека „остро“ ги отфрла обвинувањата на украинските власти, кои ја обвини Москва за уништувањето на браната.

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за вечерашното делумно оштетување на браната, што доведе до поплавување на низводните области, како и можно загрозување на блиската нуклеарна централа Запорожје поради недостаток на вода за ладење.

– Целата одговорност е на режимот во Киев, рече Песков, додавајќи дека една од целите на таквата акција е да се прекине водата на Крим, полуостров што Русија го анектираше во 2014 година – пренесе Бета.

Браната Нова Каховка, изградена на реката Дњепар во 1950-тите и запленета од руските сили веднаш на почетокот на руската офанзива во Украина во февруари 2022 година, е клучна за снабдување со вода на анектираниот полуостров Крим.

Според Песков, овој чин на саботажа потенцијално може да има многу сериозни последици за десетици илјади жители во регионот Херсон, како и еколошки последици за таа област.