Фото: Фејсбук/Џо Бајден

Зошто побогу Путин мисли дека има право да прогласи нови таканаречени држави на територијата што им припаѓа на неговите соседи, остро кажа Бајден за време на синоќешното обраќање во Белата куќа, при кое објави санкции насочени против Русија поради украинската криза и прогласувањето на независност во Донецк и во Луганск.

– Нумеролозите ќе бидат фасцинирани што Џо Бајден го почна неговиот говор за Украина точно дваесет и две минути по два часот напладне, на 22 февруари, но американскиот претседател повеќе беше загрижен за неговите калкулации за економските и политички ефекти од претераната или преблагата реакција кон Русија. Неговиот одговор не наиде на одобрување какво што посакуваа во Вашингтон, при што беше тивко прифатен од демократите, а не ги задоволи републиканците. Тие се предупредување за Путин, но истовремено и дело на администрација која се обидува да биде претпазлива – се вели во анализата на „Си-ен-ен“.

Бајден синоќа објави дека САД воведуваат санкции против руската елита, членовите на нивните семејства и две банки и посочи дека Русија ќе плати уште поголема цена „доколку продолжи со агресија врз Украина“. Бајден најави дека во „првиот пакет“ санкции ќе блокира две големи руски финансиски институции – ВЕБ и Руската воена банка. Покрај тоа, американскиот претседател најави дека „делови од руската економија ќе бидат отсечени од меѓународните финансиски системи“.

„Си-ен-ен“ наведува дека одговорот на Вашингтон не е остар колку оној на ЕУ, бидејќи САД не ја отсекоа Русија од системот за плаќање СВИФТ, а не воведоа ниту извозни контроли, кои би ги ускратиле руските компании од клучна технолошка опрема и софтвер.

Се смета дека дебаклот во Авганистан резултирал со опаѓање на рејтингот на Бајден, но дека се чини оти американскиот престседател научил важни лекции од неуспехот, што се гледа преку политиката на транспарентност за разузнавањето, блиската соработка со сојузниците, како и предупредувањата за потезите во Украина, заклучува американската телевизиска мрежа.