Фото: Игор Бансколиев

На затекнатата состојба со ексклузивноста на правото на користење на географското потекло што си го издејствувала своевремено Грција во ЕУ (?!), секако, дополнителен негативен импулс дава и Преспанскиот договор, чии одредби наметнуваат и други ограничувања за македонската страна во врска со користењето на терминот Македонија, но и на придавката „македонски“

Повторно примери каде што ни ја ограничуваат употребата на придавката „македонски“ на меѓународен план

Искушенијата и последиците за Македонија од примената на некои договори на Р Грција во меѓународната практика, кои нашиот јужен сосед ги склучил со надлежни институции во ЕУ, се појавија во сосема конкретна форма на саемот за вино во Франција, на крајот од минатата седмица. Имено, според информациите во медиумите, организаторите на саемот за вино во Франција ги коригирале термините „македонско вино“ и „македонско лозје“, повикувајќи се на интервенција од Здружението на производители на вино од северна Грција. Имено, организаторите на саемот за вино „Ситадел ду ван“ пристапиле кон замена на термините за вина произведени во Македонија, откако службата за трговски и економски прашања од грчката амбасада во Париз сигнализирала за соодветните термини во рекламните материјали за саемот.

Грција (бесправно) си го регистрирала и заштитила терминот „Македонија“ пред надлежните европски институции, а ЕУ го толерира тоа!?

Од грчкото здружение на винопроизводители се повикале на фактот дека терминот „Македонија“ е заштитен географски поим во ЕУ на Грција за вина произведени во регионот на Македонија. Всушност, грчките винопроизводители се повикуваат на состојбата пред Преспанскиот договор, кога Грција своевремено како единствена земја од регионот беше членка на ЕУ и го регистрирала пред надлежните институции во ЕУ терминот „Македонија“ како ознака за потекло на нејзините производи, создавајќи монопол на сите придавки што произлегуваат од него (македонски, македонска итн.). За тоа до неодамна речиси малкумина (дури и во ЕУ) биле свесни, односно дека Грција на тој начин го решила означувањето на своите производи во Унијата. Инаку, ваквото решение што го издејствувала грчката политика во ЕУ е во колизија со Меѓународниот договор за географски називи на производи (Лисабонскиот договор, според кој се решаваат евентуалните спорови околу имињата за комерцијална намена и трговските марки). Но токму затоа Грција го нема ратификувано овој меѓународен договор!
– Станува збор за натпревар за вино, а не за саем, на кој винарници од целиот свет пријавуваат мостри за оценување. Ние како винарница имаме испратено мостри, но не сум запознаен кои други винарници учествуваат со свои вина, а верувам дека учествуваат и други македонски винарници, освен „Стоби“. Но реакцијата на грчкото здружение во суштина и не е поврзана со Преспанскиот договор, туку со прашањето поврзано со европската регулатива за географското потекло на производите. Во наш интерес, на производителите од Македонија е да се разговара и да се реши тоа прашање во согласност со европското право за именување на географското потекло на нашите производи – вели Никола Деребанов, генерален директор на холдингот „Перминдекс“, во чии рамки е винарницата „Стоби“.
На оваа затекната состојба со ексклузивноста на правото на користење на географското потекло што си го издејствувала своевремено Грција во ЕУ, експертите предупредуваат дека одредени одредби од Преспанскиот договор наметнуваат и други ограничувања за македонската страна во врска со користењето на терминот Македонија, но и на придавката „македонски“. Во однос на регулирањето на прашањето за користење на трговските марки, во Преспанскиот договор е наведено дека „двете страни се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат нивните деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво“.

Политички упад

Во таа насока е формирана и Меѓународната група на експерти меѓу Македонија и Грција (според одредбите од Преспанскиот договор), за која нема многу информации во јавноста колку и што работи.
– Реално, постоењето на таа Меѓународна група на експерти, произлезена од Преспанскиот договор, е сосема непотребно, нелогично и нефункционално. Кога станува збор за користење имиња за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци, тоа прашање е поврзано со функционирањето на приватните деловни субјекти, кое не може да биде ограничено со некакви политички ни меѓудржавни договори. Едноставно, државата не може да преговара за нешто што не ѝ припаѓа и не е во нејзина сопственост – вели Никола Деребанов.
Сепак, оваа ситуација со реакцијата на грчките винопроизводители во Франција за отстранување на придавката „македонски“ од рекламните материјали за вината од Македонија ја отвори повторно во македонската јавност дебатата за спорноста и на толку малкуте придобивки за Македонија од Преспанскиот договор. Потписниците и поддржувачите на спогодбата со Грција, како најголема извојувана победа од неа сѐ уште го наведуваат трајно заштитениот македонски национален идентитет и јазик, токму преку придавката „македонски“ и покрај тоа што на името на државата ѝ беше наметната географска одредница.
– Реалната практиката во овој речиси четиригодишен период по потпишувањето на Преспанскиот договор покажува дека можеби е задржана придавката „македонски“, но и таа во ограничена употреба. Уште кога се појави т.н. упатство за јазична примена на Преспанскиот договор од македонското МНР, тоа беше своевиден политички упад во јазикот. И според тоа упатство, придавката „македонски“ може да се користи кога се однесува на народот и јазикот, но сѐ што се однесува на државата, не може да се именува како „македонско/и/а“, туку мора да биде „од/на С. Македонија“. Дури и таквото рестриктивно упатство на МНР се чини немаше голем ефект во меѓународната употреба на придавката „македонски“, па многу често не може да се контролира, а ретко кој и реагира на образувањето придавки за македонскиот народ, јазик, а и за производите од Македонија, според новото државно име, со географска одредница. Ваквата фактичка состојба сериозно ги става под прашалник истакнуваните (мали) придобивки од Преспанскиот договор – вели професорката Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик.

Не смее да изостане, секојпат и секаде – наша жестока реакција

Според поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети, од македонска страна треба да реагираат и државните, но и приватните субјекти секогаш кога се загрозени и оспорени правата на Македонија на меѓународен план.
– Со нереагирање на навидум поситни настани на кои се оспорува или ограничува правото на македонското именување, на меѓународен план, практично го даваме и она што не ни се бара со соседските договори, во случајов, конкретно со Преспанскиот договор. На тој начин дозволуваме да се погазат нашите права во меѓународните односи, како политички така и економски, што води кон легитимирање на состојбата на македонско обезименување или преименување. Сметам дека на секое прекршување на нашите права треба да реагираат и државните, но и приватните – комерцијални субјекти од Македонија. За жал, не гледам дека се случува тоа. А од друга страна, Грција не спроведува ништо од својот мал дел од обврските од Преспанскиот договор. Мислам дека е време посериозно да го преиспитаме, па дури и да го прекинеме спроведувањето на соседските договори, со оглед дека тие реално ја загрозуваат македонската државност – вели амбасадорката Мелпомени Корнети.