г.Г. стефан - Фото: Маја Јаневска-Илиева

По милоста божја, архиепископот охридски и македонски, заедно со Светиот архијерејски синод, до свештенослужителите, до монаштвото и до сите чеда на Македонската православна црква, а по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов до Бога, поздравувајќи ги со величествениот и торжествен поздрав – Христос воскресе!

Денес сето создание се весели и се радува, зашто – Христос воскресна!
Возљубени празникољупци,
Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење! Тоа е стожерот околу кој се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз кој се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина што му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со кое велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата.

Како што не потклекнаа нашите прадедовци, така и ние – како нивни потомци и како доследни пазители на аманетот доверен од нив – да не дозволиме отстапки пред оние што постојано посегнуваат по нашето најсвето; пред оние што гледаат да го зграбат она што со векови макотрпно е градено и што е зачувано до денешни дни. Наша должност и обврска треба да ни биде да им се спротивставуваме на сите оние што на секаков начин се трудат да ни го одземат она за кое се дадени многу жртви и кои се желни да ни ги приграбат: и историјата, и земјата, и културата, и јазикот и сè што е наше – македонско. Затоа, што е можно побрзо, да се освестиме и да се обединиме како народ

Господ Исус Христос, со Своето воскресение од мртвите, ни го осмисли нашиот живот, и не само овој – земниот туку и небесниот, односно ни го дари вечниот живот во Неговото Царство. Токму преку Христовото воскресение се одгатнаа сите загатки со кои, уште од паѓањето во грев, се соочуваше немоќното и безутешно човештво, а кои завршуваа со суровоста на смртта. Ете, токму преку тоа Чудо над чудата, ние, луѓето, од смртни станавме бесмртни и ни беше овозможено трајно да се ослободиме од прангите на смртта и да се упатиме кон Оној што и самиот е Живот – кон Христа Животодавецот.

Возљубени сорадосници во Христа воскреснатиот,
Радоста, која извира од тајната на Христовото воскресение и која, еве, сите ние, како христијани, ја сведочиме повеќе од две илјади лета, е неизмерна. Но оваа неискажлива и преславна радост не треба да биде минливо чувство, кое ќе нè обземе само во овие празнични дни, туку, напротив, треба да ни постане начин на живеење и на постоење.

Впрочем, и самото христијанство е вера на радоста! Ако не постои радост, тогаш не постои ни вистинско христијанство; ако немаме радост во нас и помеѓу нас, тогаш не сме ни вистински христијани, ни вистински учесници во Христовото воскресение, ниту, пак, вистински следбеници на Христа.

Според тоа, доколку сакаме да бидеме доследни подражатели на Христа и да врвиме по Неговите стапки, тогаш ќе мора да си ги земеме врз себе нашите животни крстови и, минувајќи низ сопствените голготи, истите тие да ги поднесеме докрај, и тоа со радост. Само на тој начин, во нашите души – и покрај сите животни премрежиња, искушенија и предизвици – ќе ја почувствуваме бескрајната радост од Неговото воскресение и ќе заживееме со несфатливата и непреодна радост на вечниот живот.

Возљубени чеда во Господа,
Тајната на Христовото воскресение најмногу се открива во дарот на простувањето. Та, можно ли е вистински да го празнуваме Велигден – празникот над празниците – ако не простуваме и ако не бараме да ни простат!? Можно ли е да водиме христијански живот и да се нарекуваме христијани ако во нашите срца се вгнездени злопамтивоста и одмаздољубивоста или, пак, ако во нашите души се всадени гневот и лутината!? Тоа е – невозможно! Да се живее вистински христијански живот – живот според Евангелието – значи да се постане обновен човек во Христа и да се чекори по патот на богољубието и човекољубието – по патот што води кон Царството небесно.
Затоа, што е можно поскоро, да се угледаме кон сите оние што низ вековите Го возљубија Бога, а го возљубија и својот ближен, да се угледаме на нивниот богоугоден живот, во кој особено се истакнува подвигот на човекољубието и на простувањето, па – со силата на Христовото воскресение – и сите ние, кои се именуваме со Неговото име, да го возљубиме својот ближен и секому сè да простиме за, на тој начин, да станеме наследници на вечниот живот.

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Доколку се обѕрнеме во нашето историско раздобје, ќе воочиме огромни подеми и падови, како на црковен, така и на национален план. Впрочем, македонскиот народ, со Божја помош и поткрепа, успевал и сè уште успева достоинствено да ги извојува сите битки и да им одолее на сите непријателски настроенија, исполнети со лукави намери и со зли цели; и, притоа, со крената глава да продолжи по патот кон Бога – кон Изворот на добрините и на правдата.

Та, кој ќе се осмели да нè оспори како македонски народ и како македонска држава!? Со кое право некои сè уште се обидуваат да ни ги одрекуваат историјата и традицијата, јазикот и верата, кога сета македонска почва е напоена со просветителските дејанија на македонските црковно-просветни дејци, со истрајноста на сите наши родобранители, со крвта на недобројните наши маченици и со благоверието на мноштвото исповедници и поборници за зачувување на православието на ова свето македонско тло!? Но, како што не потклекнаа нашите прадедовци, така и ние – како нивни потомци и како доследни пазители на аманетот доверен од нив – да не дозволиме отстапки пред оние што постојано посегнуваат по нашето најсвето; пред оние што гледаат да го зграбат она што со векови макотрпно е градено и кое е сочувано до денешни дни. Наша должност и обврска треба да ни биде да им се спротивставуваме на сите оние што на секаков начин се трудат да ни го одземат она за кое се дадени многу жртви и кои се желни да ни ги приграбат: и историјата, и земјата, и културата, и јазикот и сè што е наше – македонско.

Затоа, што е можно побрзо, да се освестиме и да се обединиме како народ, и молитвено да притекнеме кон Бога и кон закрилникот на нашата најсвета автокефална Охридска и Македонска црква – кон светиот Климент Охридски, та, по примерот на нашите предци, да се избориме со сите неприлики со кои катадневно се соочуваме. Но сето ова ќе го постигнеме само ако си ги зацврстиме единството, слогата и сплотеноста, односно само ако трајно ги надминеме внатрешните разногласија и меѓусебните поделби и несогласувања.

Возљубени родољупци,
Ова лето Господово достојно ќе одбележиме и повеќе годишнини, кои се изнедрени од пазувите на нашето богато и славно минато. Меѓу нив, најпрво ќе си припомниме за Беласичката битка, од 1014-та, која, всушност, е неделиво поврзана со градењето и со запазувањето на нашата долговековна историска посебност, а ќе се присетиме и на бележитите одлуки од Првото заседание на АСНОМ, одржано во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, во 1944 година. Исто така, ќе ги прославиме и 860-годишното постоење на велелепниот манастир „Свети великомаченик Пантелејмон“ во Нерези, Скопско, како и стогодишнината од замонашувањето на возобновителот на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква – блаженоупокоениот архиепископ Доситеј.

Еве, токму овие незаборавни настани нека ни бидат силен поттик за обнова на нашата црковно-национална самосвест, а истовремено нека ни бидат и постојани потсетници за она за кое се бореле многу наши поколенија, а за кое останува и ние да продолжиме да ги чуваме – нашата татковина Македонија и нашата Македонска црква.
Нека незаодната светлина од празникот на Христовото воскресение – Велигден, ни биде нераскинлива нишка што ќе нè поврзе сите Македонци – и овде, во татковината, и насекаде каде што нашинците се иселени по светот – во единството на троедната љубов: во богољубието, братољубието и родољубието, та едногласно да воскликнеме пред сиот свет: Христос воскресе!