Фото: Маја Јаневска Илиева

Слоганот „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“ беше мотото на студентските демонстрации од 1968 година, можеби неизречено и несвесно мото на Шарената револуција во Македонија од 2016 година. Дистопијата што може да се воспостави по револуционерните движења, според мислењето на Лакан, се манифестира со устоличување на друг господар. Неговиот скептицизам се гледа во обраќањето до студенти во Париз, во мај 1968 година: „Револуционерните аспирации имаат само една можност: секогаш да завршат во дискурсот на господарот. Искуството го докажа тоа. Она кон што се стремите како револуционери е господар. Ќе имате еден!“ (цитат преземен од книгата на Јанис Ставракакис: „Лакан и политичкото“, 1999 година).

Токму тоа се случи по Шарената револуција, разликата е во тоа што во Македонија дојдоа двајца господари: еден господар на материјалниот терор, предводен од албанска политички парија, и друг господар на духовниот терор, предводен од македонска политичка партија.

Материјалното разнебитување на Македонија се одвива непрекинато од независноста до денес, меѓутоа, духовната деградација: продавањето и предавањето на сè што е македонско, што се случи последниве неколку години со потпишување на договорите со Грција и со Бугарија и прифаќањето на Преговарачката рамка, е нешто што малкумина Македонци го очекуваа и го присакуваа. Иван Катиќ ќе напише: „Малите злосторства се прават од користољубие или од навика. Големите од верба и убедување. Само големите идеалисти прават големи злосторства без каење, идеалите ги ослободуваат од гризењето на совеста“ (цитат преземен од книгата „Комунистичка интима“). Материјални злосторства (големи и мали) се прават од користољубие, меѓутоа големите злосторства против човештвото се прават од верба и убедување, од големи идеали.

Идеалот за ЕУ ги направи македонските политичари и претседателот на Македонија злосторници – тие извршија културен геноцид врз Македонците. Тврдењето на нивните поддржувачи дека сегашнава опозиција не се разликува од позицијата: „и тие крадеа“ – е, всушност, лажен обид да се ослободат од грижата на совеста, за да можат мирно да спијат и да продолжат да уживаат во ситните привилегии и позиции што ги имаат. Разликите, иако обете се неправедни и незаконски, сепак, се немерливи: културен геноцид наспроти материјален грабеж.

Каква поука може да се добие од обраќањето на Лакан? Постојат две толкувања: првото имплицира целосно отфрлање на каква било форма на радикална политичка активност – откажете се од вашите хистерични радикални промени, бидејќи тие на крајот ќе завршат со нови форми на доминација. Второто толкување, парадоксално, поддржува радикални активности, но предупредува на опасностите од реафирмирање на структурите на моќ и власт како последица на револуционерните промени. Двете перспективи се однесуваат на позицијата на новите владетели vis-à-vis местото на доминација што тие ја оспоруваат.

Што се однесува до Македонија, тековните владејачки елити одговорни за културниот геноцид треба да заминат еднаш и засекогаш од политичката сцена, меѓутоа, граѓаните на Македонија треба да бидат свесни за можноста новите владејачки челници да ги реафирмираат моќта и авторитетот, повторно закриена зад сонот ЕУ, што ќе се манифестира со продолжување на културниот геноцид и конечно истребување на Македонците. Меѓутоа, граѓаните на Македонија, интелектуалната елита и членовите на МАНУ не треба да ги заборават зборовите на Меша Селимовиќ: „Постојат три големи страсти, алкохолот, коцката и власта. Од првите две луѓето некако може да се излекуваат, од третата никако. Власта е и најтежок порок. Заради неа се убива, заради неа се гине, заради неа се губи човечки лик. Незапирлива е, како волшебен камен, зашто носи моќ. Таа е дух од ламбата на Аладин, кој му служи на секоја будала што го држи… Човекот на власт го поттикнуваат кукавици, го бодрат подлизурковци, го поддржуваат арамии, и неговата претстава за себеси е секогаш поубава отколку вистината“ (од романот „Тврдина“).

На 4 мај се одбележуваат сто дваесет и една година од смртта на Гоце Делчев, па затоа посакувам, во предвечерјето на изборите, Македонците да се обединат околу градењето достоинствена иднина, во која македонството ќе биде нашето битисување, а Гоце Делчев нашиот корифеј. Ден потоа, на 5 мај е Велигден – најважниот верски празник во православниот календар: сите православни христијани, честитајќи им го празникот, ги поздравувам со „Христос воскресна“. На 9 март започнав да објавувам, двапати неделно, текстови во „Нова Македонија“ – денешниов есеј е претпоследниот во оваа серија, во која, пишувајќи за неукоста, за кусогледоста, за немањето визија, за властољубието, за користољубието, за неправдата, за работењето против државните интереси, за поморот на македонскиот род, македонското име и сè што е македонско, се обидов да понудам конкретни предлози за излез од оваа состојба. Овој текст ќе го завршам со следната порака.

На 8 мај граѓаните на Македонија ќе избираат: ако бојот 8 се ротира за 90 степени се добива знакот за бесконечност. Парафразирајќи го Вилијам Блејк: „Да се види светот во зрно песок, / Рајот во див цвет,? Да се држи бесконечноста на дланка / И вечноста во еден час“, ве повикувам масовно да гласате, при што:
Да не заборавите за културниот геноцид што се изврши над Македонците со потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија и со прифаќањето на Преговарачката рамка со ЕУ.

Да не заборавите на депортацијата на над 38.000 дечиња во 1948 година од Егејска Македонија и 20.000 црвени стапалки поставени на границата меѓу Чешка и Полска по повод 75 години од прогонот на македонските деца од егејскиот дел на Македонија: на секоја стапалка беа испишани името и презимето на протераното дете, заедно со македонскиот топоним на неговото село или град од Егејска Македонија, територија што беше претворена во пепел во 1948 година со користење напалм-бомби.
Да не заборавите за делата на велешкиот владика Игнатиј, кој во свое време, иако прост и неписмен, организирано ги собрал сите книги на македонски и словенски јазик и ги запалил во Согленскиот манастир; да не ги заборавиме делата на костурскиот владика Германос Каравангелис, кој бил директен учесник во убиствата на невини луѓе и во палежите на македонските села во Костурско.

Да не заборавите дека меѓу политичките лидери на Атина, Аристотел бил омразен поради три причини: странец, филозоф и пријател на Македонија. Обвинет за богохулење, Аристотел заминал од Атина во 323 година, забележувајќи дека не гледа причина да ѝ дозволи на Атина да греши двапати против филозофијата, а неговото заминување е предизвикано од повторното оживување на антимакедонското расположение во Атина, по смртта на Александар во Вавилон истата година. Аристотел заминал на островот Евбеја и таму починал во шеесет и третата година од својата возраст од природна смрт, следната година, во 322 година.

Да не заборавите дека „Македонија не е само држава. Ако беше само обична држава, денеска немаше да има ни една прашинка од неа. Туку, Македонија е икона на Балканот, Македонија е црква на Европа, Македонија е манастир на светот“ (Петре М. Андреевски). Македонија не претставува ничие ексклузивно право, најмалку на Грција, туку Македонија е дел од културно-историскиот идентитет на сите народи од Југоисточна Европа и пошироко, кои ги претставуваат современите политички нации, вклучувајќи ја и Република Македонија, без разлика на денешново толкување на историјата – производ на современите политички нации и на актуелната геополитика.

Да не заборавите, Македонци, граѓани на Македонија и сите идни владејачки елити во Република Македонија, дека „Името на Македонија е стварноста на Македонија“.
Човечкиот живот на планетата Земја, оттука и во Република Македонија, според моето мислење, е фасцинантен, единствен. Ги повикувам граѓаните на Македонија и идните владејачки елити, заедно, сите, да создадеме нешто уште по поубаво: живот што навистина е хуман.