Мажот кој се обиде насилно да влезе на вечерата на дописниците во Белата куќа е обвинет за обид за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп, јавува „Ен-би-си њуз“.
Осомничениот е идентификуван како 31-годишниот Кол Томас Ален од Калифорнија. Покрај обвинението за обид за убиство на претседателот, против него се поднесени уште две федерални обвиненија – употреба на огнено оружје при насилно кривично дело и транспорт на оружје и муниција преку државни граници со намера за извршување тешко кривично дело. Доколку биде осуден, може да се соочи со доживотна затворска казна.
Според обвинителите, Ален се обидел да помине низ безбедносниот пункт вооружен со огнено оружје и ножеви, по што настанал хаос во салата. Присутните гости барале засолниште под масите, а Трамп бил итно евакуиран од настанот.
Обвинителката Џоселин Балантин изјави дека „тој се обидел да го убие претседателот на САД, Доналд Џ. Трамп“.
Вршителот на должноста државен обвинител Тод Бланш соопшти дека осомничениот непосредно пред инцидентот испратил пораки до членови на семејството во кои Трамп го нарекол „предавник“.
-Нема место за насилство во граѓанскиот живот. Тоа не смее да се користи за попречување на демократските институции, а особено не против претседателот на САД – изјави Бланш.

































