Фото: Ноз Зеланд-пиксабеј

Нов Зеланд денеска соопшти дека ќе ја зголеми годишната квота на прифат на нови висококвалификувани мигранти и ќе обезбеди побрз пат до обезбедување нивен постојан престој, бидејќи богатите земји се натпреваруваат да ги привлечат најдобрите таленти во светот.

Неколку напредни економии го зголемија годишниот број на миграции или ги олеснија визните правила за да им помогнат на клучните компании да ангажираат персонал за да го пополнат недостигот откако пандемијата на ковид-19 доведе до построги гранични контроли и го спречи доаѓањето на странски работници.

– Промените ќе обезбедат да нема ограничувања за квалификуваните мигранти, отстранувајќи ги вештачките ограничувања од стариот систем – изјави министерот за имиграција Мајкл Вудс.

Министерот се осврна на критериумот што секоја година го одредува бројот на местата за прифат што ги спречува квалификуваните мигранти да се преселат во Нов Зеланд, дури и ако има јасна потреба за тоа.

– Знаеме дека многу индустрии бараат работници и има глобален недостиг на работна сила – додаде Вудс.

Новозеланската Влада од октомври, исто така, ќе го поедностави својот бодовен систем што го користи при изборот на квалификувани мигранти, забрзувајќи ја проверката на барањата за визи и давајќи им на работниците мигранти поголема безбедност.

Нов Зеланд нема официјално ограничување на годишниот број на квалификувани резидентни визи, но управува со процесот во таканаречениот распон на планирање што го ограничува бројот за постојан престој.

Овој потег доаѓа бидејќи пазарот на трудот е блиску до рекордно ниско ниво, додека стапката на вработеност достигна највисоко ниво од 1993 година.