Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, изјави дека НАТО ја продолжува политиката на милитаризација на Европа, подготовките за можен судир со Русија и обезбедувањето воена поддршка за Украина, објави турската агенција „Анадолија“.
Захарова рече дека „генералната линија на НАТО не е променета“ и оти алијансата и понатаму ја третира Русија како долгорочна закана за евроатлантската безбедност.
Коментирајќи го самитот на НАТО, Захарова наведе дека на генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, не му успеало да го претстави собирот како „епохален“, ниту пак да ги ублажи несогласувањата меѓу членките. Таа додаде дека Руте не успеал да ги надмине разликите меѓу сојузниците, а особено да влијае врз американскиот претседател Доналд Трамп со цел, според неа, да го спречи забрзаното повлекување на американските сили од Европа.
Захарова нагласи дека НАТО ја смета Русија за долгорочна закана, иако одредени членки на Алијансата истовремено наведуваат дека не постојат докази оти Москва планира напад врз некоја од државите членки.
– Спротивставувањето на нашата земја кон НАТО има егзистенцијален и системски карактер – рече Захарова.
Таа оцени и дека Соединетите Американски Држави покажуваат незадоволство од функционирањето на НАТО и како примери ги наведе несогласувањата околу прашањето за Гренланд и ситуациите во кои, како што рече, Вашингтон не ја добил очекуваната поддршка од сојузниците.

































