Цените на нафтата денеска забележаа раст поради зголемената загриженост дека нарушувањата на глобалните енергетски пазари би можеле да продолжат, откако Иран постави услови за повторно отворање на Ормускиот Теснец.
Цената на северноморската нафта „брент“ со испорака во октомври порасна за 1,09 отсто, достигнувајќи 84,46 долари за барел. Американската нафта „Вест Тексас интермедијат“ (ВТИ) со испорака во септември поскапе за 0,84 отсто, на 78,84 долари за барел, пренесе „Економик тајмс“.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи вчера изјави дека стратешкиот поморски премин нема да биде повторно отворен сè додека Вашингтон не ги исполни условите на Техеран. Меѓу барањата се ублажување на санкциите и исплата на воени репарации.
Арагчи истакна и дека Иран во моментов нема директни разговори со САД, и покрај тврдењата од Вашингтон дека договорот е близу.
Од „Вестпак“ оценија дека Ормускиот Теснец и понатаму е практично затворен, поради што неизвесноста на енергетските пазари останува висока.
И покрај нестабилноста на енергетскиот пазар, азиските берзи денеска забележаа раст. Јапонскиот индекс „Никеи 225“ порасна за 2,1 отсто, јужнокорејскиот „Коспи“ за 0,7 отсто, додека хонконшкиот „Ханг Сенг“ забележа раст од 0,6 отсто.

































