Западна Европа ги забележа најтоплите јуни и јули во историјата на мерењата, со просечна температура од 21,62 степени Целзиусови, соопшти денеска Службата за климатски промени „Коперник“.
Просечната температура во регионот била дури 2,79 степени повисока од просекот за периодот од 1991 до 2020 година, што укажува на исклучително топол почеток на летото.
Податоците покажуваат дека температурите постепено се намалувале движејќи се од запад кон источна Европа и Скандинавија, каде што временските услови биле значително постудени.
На ниво на цела Европа, јули бил 11-ти најтопол досега, со просечна температура од 20,49 степени Целзиусови.
Ситуацијата била уште поизразена на глобално ниво. Минатиот месец бил вториот најтопол јули во историјата на мерењата, изедначувајќи се со јули 2024 година. Просечната глобална температура изнесувала 16,9 степени, што е 1,47 степени над прединдустрискиот просек за јули.
Рекордот и понатаму го држи јули 2023 година, кога просечната глобална температура достигна 16,95 степени.
Западна Европа од крајот на пролетта беше погодена од невообичаено долг период на високи температури, со дури четири топлотни бранови регистрирани од крајот на мај.
Службата за климатски промени „Коперник“ располага со податоци кои датираат од 1950 година, а за одредени мерења и од уште порано.

































