Илустрација/Фото: Фејсбук - Володимир Зеленски

На државниот буџет на Украина му недостигаат пет милијарди долари потребни за воени трошоци, изјави денес министерот за финансии Сергеј Марченко во интервју за радиото „Хромадске“.

Според него, откако САД го усвоија долгоочекуваниот пакет помош од 61 милијарда долари, новите средства ги покриваат социјалните и хуманитарните трошоци на Украина.

– Во пракса имаме голем фискален проблем, нерешеното прашање со воените расходи – изјави Марченко, а пренесе „Танјуг“, повикувајќи се на „Киев Индипендент“.

Украина во изминатите шест месеци доби минимална воена помош од своите партнери, што, според министерот, го оптоварува буџетот во однос на дополнителни воени расходи.

– Во овој момент, мислам дека можеме да зборуваме за цифра од околу пет милијарди долари. Размислуваме како ќе го покриеме дефицитот во блиска иднина – истакна министерот.

Како што изјави во април министерот за стратешка индустрија Александар Камиши, во буџетот за одбрана на Украина од 40 милијарди долари за оваа година се вклучени 6 милијарди долари за набавка на оружје.

На крајот на март Киев доби заем од 1,5 милијарди долари од Светска банка.

Приватно финансирање од Светска банка планира да инвестира 1,9 милијарди долари во проекти во Украина во следните 18 месеци – објави „Ројтерс“ во април.