Фото: Принт-скрин

Кога „Мекдоналдс“ почна да работи во Москва во 1990 година се создала редица од илјадници луѓе, со што доаѓањето на познатиот синџир за брза храна во главниот град на Русија беше сметано за крај на Студената војна помеѓу СССР и САД. Завчера повторно беше создадена редица пред „Мекдоналдс“ во Москва, откако компанијата објави дека привремено ги затвора рестораните на 850 локации низ Русија, пренесува „Гардијан“.

– Мојот татко ми кажа како чекал во долга редица кога се отворил „Мекдоналдс“ кога бил млад. А сеа јас завршив во редица, но поради различна причина. Историјата може да биде смешна – кажа Дмитри Григорјев во изјава за британскиот весник.

Но многумина Руси преку социјалните мрежи истакнуваат дека нема да им недостига „Мекдоналдс“, на шега заблагодарувајќи им се на САД за санкциите, бидејќи сега ќе се хранат поздраво.

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев денеска се прости од „Мекдоналдс“, велејќи дека во Русија знаат да прават плескавици и кифлички. Тој додаде дека истото би можеле да го направат и бизнисмените кои се санкционирани од западните земји, пренесува РИА Новости.

– Плескавиците и кифличките со одличен квалитет можеме сами да ги правиме. Патем, тоа би можеле да го направат бизнисмени кои се под санкции – порача Медведев.

„Мекдоналдс“ е меѓу бројните светски компании што одлучија да прекинат со работата во Русија откако почнаа воените дејствија во Украина, како што се „Тојота“, „Хајнекен“, „Најк“, „Епл“, „Зара“, „Нетликс“ и „ИКЕА“.

– Егзодусот на компаниите е навистина запрепастувачки. Брзината со која ова се случува е невидена во модерната историја – вели Марија Шагина, специјалист за меѓународни санкции.

Речиси сите големи модни брендови како што се „Луј Витон“, „Гучи“ и „Шанел“ исто така привремено го прекинаа работењето во Русија.

– Мислам дека Русите се во состојба на шок, многумина уште не разбираат како санкциите ќе влијаат на нивниот секојдневен живот во наредните месеци – смета Катја Федорова која води моден блог на социјалната мрежа Телеграм.

„Мекдоналдс“ и „ИКЕА“ информираат дека засега ги задржуваат вработените на платниот список, но експертите како Шагина веруваат дека егзодусот на странските компании ќе доведе и до губење на работните места.