Американскиот милијардер Илон Маск изјави дека ќе го поддржи гувернерот на Флорида, републиканецот Рон де Сантис на претседателските избори во 2024 година, доколку се кандидира.

На почетокот на овој месец, Рон де Сантис го победи демократот Чарли Крист за повеќе од 20 отсто во трката за гувернер на Флорида, па остана на функцијата како прв човек на оваа американска држава, а „Ројтерс“ оценува дека станал ѕвезда во подем меѓу републиканците.

Политичките експерти го оценија Де Сантис, за потенцијален предизвикувач на Доналд Трамп во партијата, кога станува збор за кандидатурата на Републиканската партија за претседателските избори во 2024 година.

Трамп пред 10 дена објави дека повторно ќе се кандидира на изборите во 2024 година.

– Мојата желба за претседателските избори во 2024 година е кандидатот да биде некој кој е разумен и центрист во исто време. Се надевав дека тоа може да биде некој од администрацијата на Бајден, но досега бев разочаран – објави Маск на Твитер.

Запрашан дали би го поддржи Де Сантис во 2024 година, Маск одговори потврдно.

– За потсетување, јас бев голем поддржувач на претседателството Обама-Бајден и (неволно) гласав за Бајден пред Трамп – додаде новиот сопственик на Твитер.

Запрашан да коментира за поддршката на Маск, Де Сантис се пошегува.

– Ја поздравувам поддршката на Афроамериканците, што друго да кажам – рече Де Сантис, алудирајќи дека Маск, кој е бел, пораснал во Јужна Африка.