Европски клуч за Отворен Балкан

Го затвора ли Европската Унија Отворен Балкан? Иницијативата прво беше наречена „мал шенген“, а потоа најсоодветно вкоренета во нашата област како Отворен Балкан. На големо изненадување за европската јавност, двајцата најмоќни лидери во регионот, Александар Вучиќ и Еди Рама, поддржани од Зоран Заев, започнаа процес за создавање панбалкански заеднички пазар, моделиран според заедничкиот европски пазар, како одговор на бесконечниот процес на европска интеграција на земјите од Западен Балкан.
Како Македонец, јас имам само една суштинска забелешка кон проектот Отворен Балкан. Србија и Албанија имаат претензии да бидат држави–матици на српскиот и на албанскиот народ на целиот Балкански Полуостров. Имајќи ја превид шарената балканска етничка карта, јасно е дека сите големодржавни проекти се судираат со отпор од многубројно месно население што не ѝ припаѓа на замислената голема држава на доминантниот народ, па оттука произлегуваат сите балкански војни или, пак, балканските епизоди на големите европски и глобални судири. Апсурдот, пак, на барање големи и етнички чисти држави во ерата кога целиот европски континент станува едно големо имигрантско општество е и повеќе од очигледен, но, за жал, сè уште постојат многубројни и моќни политички движења во регионот што копнеат по велика Србија, природна Албанија и слични анахрони концепти. Меѓутоа, целиот проект Отворен Балкан личи на некаква рамка за интегрално решавање на „српското“ и на „албанското прашање“ на Балканот. Такво нешто не е можно без прекројување на границите помеѓу балканските држави, а не постои преобележување на државните меѓи без војна, крв и страдање. Дури и залагањето за релативизирање на државните граници, кое звучи толку прогресивно во Европа, на Балканот има друг призвук. Само да потсетам дека внатрешните граници помеѓу југословенските републики беа толку релативни што воопшто не постоеја, но за време на последниот круг балкански војни, тие се кристализираа во најцврсти можни меѓудржавни ѕидови. Оттука е и стравот поврзан со иницијативата Отворен Балкан во некои кругови во Скопје, во Сараево и на Цетиње. Никој не сака да биде монета за поткусурување во туѓи игри, равенки и карти за прецртување на границите. Сметам дека овој клучен и суштински проблем на иницијативата Отворен Балкан може лесно да се реши со една јасна политичка декларација од Александар Вучиќ и од Еди Рама, каде што тие двајца, во име на Србија и на Албанија, ќе се откажат од сите великодржавни претензии и ќе потврдат дека новиот проект е исклучиво порив за надминување на меѓусебната недоверба, за создавање голем заеднички балкански пазар и за создавање платформа за дијалог помеѓу сите балкански држави.

Но доколку го исклучиме овој клучен предизвик, поврзан со проектот Отворен Балкан, тогаш тешко дека може да ѝ се најдат маани и слабости на оваа иницијатива. Прво, се следеше врвицата на европската интеграција, па се започна со создавање заеднички пазар. Оваа тема е најлогичен почеток на приближувањето, затоа што тука нема противречни или разнородни интереси, па од заедничкиот пазар сите добиваат. Покрај тоа, слободното движење на луѓе, стоки, капитал и услуги ја раздвижува економијата на секоја земја-членка, а непостоењето на царински терминали и полициска контрола на пасошите овозможува зголемување на секаков вид размена помеѓу граѓаните на земјите од Отворен Балкан. Второ, некаде од 1999 година и создавањето разни организации, интеграции, сојузи, процеси и иницијативи за одржување на тогаш кревкиот мир на Балканот, а потоа и за стабилизација на државите, постојано се зборува за „регионална сопственост“. Тоа е несмасен превод на македонски јазик на изразот произлезен од американскиот англиски што во оригинал гласи „regional ownership“. Со други зборови, тоа значи дека земјите од Балканот треба самите да ги осмислуваат, преговараат, создаваат, финансираат и водат сопствените регионални организации, без каква било форма на странско замешателство, влијание или туторство. Па, има ли поголем и подобар пример за „регионална сопственост“ од иницијативата Отворен Балкан? Третата компонента на Отворен Балкан треба да биде и развивањето на односите помеѓу самите општества, помеѓу бизнисите, невладините организации, универзитетите, студентите и, воопшто, граѓаните, за подобро запознавање помеѓу народите и рушење на предрасудите и стереотипите.
Засега Отворен Балкан наиде на поддршка единствено од Соединетите Американски Држави. Стејт департментот и најмоќната и највлијателна дипломатија на Балканот од самиот почеток го следат процесот, во Вашингтонскиот договор помеѓу Србија и Косово, постигнат од администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп, Отворен Балкан дури влезе како договорна точка, а на последниот состанок на иницијативата во Охрид беа присутни и сите американски амбасадори од регионот. Не верувам дека може да стане збор за некои скриени или двојни американски игри околу нивната поддршка за Отворен Балкан. Едноставно, заживувањето на иницијативата ќе придонесе кон регионалниот мир и ќе овозможи многу помал директен американски ангажман во невралгичниот Балкан.

Но, за жал, Европската Унија и особено Германија се многу скептични кон целата иницијатива, па од Брисел и од Берлин се слушаат дури и гласни зборови на протест. Дури се тврди и дека нема никаква потреба од Отворен Балкан, кога веќе функционира Берлинскиот процес. Искрено, за бесмисленоста на оваа критика и не вреди да се дебатира. Германија има едно моќно орудие што целосно може да го обезвредни и да го уништи Отворен Балкан, но гледаме дека таа нема намера да го употреби тоа оружје, кое се вика европска интеграција. Зошто балканските земји би се радувале на заеднички пазар од дваесетина милиони граѓани (при влезот на сите шест држави од Западен Балкан во иницијативата) ако им се даде можност за учество во континентален заеднички пазар од безмалку четиристотини милиони жители? Свежо е сеќавањето како изгледа тоа кога Германија е сериозна кон процесот на европска интеграција. За само еден мандат на германскиот еврокомесар за проширување Гинтер Ферхојген се завршија преговорите со сите посткомунистички земји од големото проширување. Оттогаш Европската Унија само глуми проширување, но ништо не се случува.
Затоа формулацијата во најновата Резолуција на Европскиот парламент за Новата стратегија на проширувањето околу Отворен Балкан не можам да ја оценам никако поинаку освен како едно големо лицемерство. Европската Унија треба целосно да го поддржи овој процес и да застане зад Отворен Балкан, наместо да го осудува како иницијатива што оди против словото, духот и суштината на европската интеграција. Срамно е да се тргне против единствената балканска иницијатива родена на самиот полуостров.
Најдобар одговор на Македонија, Србија и Албанија ќе биде итно забрзување и заокружување на целата иницијатива, но по европски терк. Јасно е дека Европската Унија нема донесено конечна одлука за прием на земјите од Западен Балкан во заедничкиот пазар и во целиот сојуз. Меѓутоа, уште појасно е дека за регионот и нема друг избор, имајќи ја предвид неговата економска зависност од европскиот пазар. Самиот процес на проширување, ваков бесконечен, растегнат и бесцелен, не оди никаде и не нуди никаква дополнителна вредност. Затоа најефективен одговор би бил директна примена на целокупното европско законодавство, познатиот европски acquis, за создавање балкански заеднички пазар, следејќи ги целосно сите европски директиви, регулативи и правила, со преодни и завршни одредби во нашите законодавства дека нивното важење се однесува веднаш на земјите-членки на Отворен Балкан, а дека нивната имплементација ќе се прошири на целиот Европски економски простор по приемот на државите од Западен Балкан во Европската Унија. Така ќе се затворат сите отворени и брбливи усти низ Европа, а и ќе се развеат сите сомнежи за иницијативата Отворен Балкан. На крајот од краиштата, и зошто да не? Балканската економска интеграција и балканскиот заеднички пазар може да биде првиот вистински чекор на земјите од Западен Балкан кон целосната европска интеграција, но и одлучувачки притисок Европската Унија конечно да се изјасни дали воопшто нè сака во своите редови како полноправни земји-членки. Би било подобро балканскиот клуч да ги отвори портите на Европската Унија, отколку европскиот клуч да го затвори Отворен Балкан.