Фото: Фејсбук/Емануел Макрон

Емануел Макрон доби нов обид за да ја убеди француската јавност оти неговата проевропска визија ориентирана кон бизнисот може да биде успешна, откако ја победи ривалката Марин Ле Пен на вчерашните претседателски избори, пишува „Блумберг“.

Се смета дека многумина од француските граѓани гласаа за Макрон бидејќи беа против Ле Пен, а не заради ентузијазам за неговиот проект, откако 44-годишниот центрист победи со 58,5 отсто од гласовите наспроти 41,5 на противкандидатката.

– Многумина од нашите сонародници гласаа за мене, не за да ги поддржат идеите што ги застапувам, туку за да застанат на падот на екстремната десница – кажа Макрон во текот на победничкото обраќање пред Ајфеловата кула.

– Тој дојде на власт ветувајќи револуција во втората најголема европска економија. Но неговата определба за реформи беше забавена од протестите и запрена од пандемијата. А се јави поголемо незадоволство на крајот на неговиот мандат, отколку на почетокот – се наведува во анализата на „Блумберг“.

Постои поделено мислење за политиките на Макрон. Околу половина од Французите го одобруваат неговото справување со економијата за време на пандемијата, како и напорите за прекинување на војната во Украина. Но, од друга страна, многумина од Французите го сметаат за арогантен и за непристапен.

Вниманието е насочено кон парламентарните избори во јуни на кои Макрон ќе го брани парламентарното мнозинство што му е потребно за да ја истурка неговата програма. Според сегашниот резултат, тој е во добра позиција, но се проценува дека ќе му биде потребно коалицирање со други партии.

Макрон ќе се соочи со предизвик за да ги зацели поделбите во државата и да приобие поддршка за неговите планови, со цел да ја направи Франција поконкурентна преку реконструирање на економските политики.

За време на изборната кампања Макрон се осврна на претстојните предизвици, истакнувајќи дека е подготвен да преговара, дури и за пензиските реформи.