Вашингтон – Во експлозија и пожар што изби на американски воен брод во Калифорнија се повредени 21 лице, соопштија американските власти. Американските медиуми објавија снимки на кои се гледа како се крева густ чад од бродот „УСС Боном Ричард“, кој се наоѓа во Сан Диего каде што е на ремонт. Експлозијата, чија причина засега е непозната, се случила во саботата навечер додека на бродот имало 160 морнари. Според Си-ен-ен, бродот гори веќе повеќе од 24 часа, а локалните медиуми наведуваат дека на него има околу 3.700 тони запаливи материјали.

Кејптаун – Јужна Африка воведе нови ограничувања, вклучувајќи и повторна забрана за продажба на алкохол, за да се спречи ширењето на коронавирусот. Се воведува и ноќен полициски час, а носењето маски на отворено станува задолжително, пренесува Би-би-си. Претседателот Кирил Рамафоса рече дека забраната за алкохол, вторпат во Јужна Африка годинава, ќе го намали притисокот врз националниот здравствен систем. Ваквите мерки се воведуваат откако вкупниот број на заразени надмина четвртина милион.

Копенхаген – Амбасадорката на Јужноафриканската Република во Данска Зинѕи Мандела почина вчера утрината на 59-годишна возраст во болница во Јоханесбург, но не е соопштена причината за нејзината смрт, пренесува „Асошиејтед прес“. Најмладата ќерка на Нелсон Мандела и Вини Мадикизела беше позната по нејзиниот политички и општествен активизам, а на амбасадорската функција во Данска била од 2015 година.

Кабул – При експлозија на автомобил-бомба во северниот дел на авганистанскиот град Ајбак се повредени најмалку 40 лица, соопштија официјалните претставници, а пренесе германската новинска агенција ДПА. По бомбашкиот напад, дошло до размена на оган меѓу напаѓачите и безбедносните сили стационирани во областа, соопштија официјалните лица. Точната цел на нападот не е позната.