Фото: Фејсбук/Виктор Орбан

Партијата на унгарскиот премиер го поддржува членството на Финска и Шведска во НАТО

Фидеш ќе ја поддржи ратификацијата на влезот на Финска и Шведска во НАТО, соопшти пратеничката група на партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, во момент кога унгарските пратеници ја почнуваат дебатата на оваа тема по повеќемесечен застој.

Одлуката на Фидеш уследи откако унгарската претседателка Каталин Новак, отворајќи ја дебатата, побара од пратениците да го ратификуваат влезот на Финска и Шведска во НАТО „што е можно поскоро“.

Само Унгарија и Турција сѐ уште ги немаат ратификувано протоколите за прием на овие две земји во НАТО, повеќе од осум месеци откако лидерите на Алијансата одлучија да ги примат за членки на самитот во Мадрид.

Процесот на ратификација во унгарскиот Парламент се одолговлекува од јули минатата година, а минатиот петок Орбан за првпат јавно кажа што му пречи за приемот на двете нордиски земји во западната воена алијанса.

Орбан потсети дека Финска и Шведска претходно ја критикуваа Унгарија поради владеењето на правото, рече дека во неговата партија се прашуваат дали е паметно да се примат земјите кои „шират отворени лаги за Унгарија, за владеењето на правото во Унгарија, за демократијата, за тоа како живее во неа“.

Орбан веќе извесно време е посочуван на Западот како сојузник на рускиот претседател Владимир Путин и „тројански коњ“ за влијанието на Москва во ЕУ и во НАТО, пишува американски „Њузвик“.

– Не треба да ја потцениме улогата на Орбан во целиот конфликт. Орбан, дури и неволно, главно го следеше заедничкиот одговор на Западот. Но неговата реторика е збунувачка. Гласањето за 10 пакети за санкции врз Русија додека говори против санкциите, претставува своевидна контрадикција. Може да се каже, дека кога станува збор за дипломатијата и за реториката, Орбан јасно зборува против западното единство. Но кога ќе ги погледнете санкциите, тоа ја прави ситуацијата посложена. Мислам дека Орбан не е ефективен нарушувачки фактор и дека не може да го наруши западниот одговор. Мислам дека Путин нема корисен сојузник во него – вели унгарскиот политиколог Петер Креко во изјава за „Њузвик“.

И додека пратениците на Фидеш рекоа дека следната недела ќе се одржат билатерални состаноци во двете нордиски земји за да се разговара за „политичките спорови“, тие јасно ставија до знаење дека ќе застанат зад нивните барања за членство во НАТО.

– Ќе им ја дадеме нашата поддршка на Финска и Шведска за влез во НАТО – соопшти Фидеш, кој заедно со својот помал партнер контролира две третини од местата во парламентот.

Гласањето се очекува во втората половина на месецов.