Градоначалникот на општината Аеродром, Тимчо Муцунски, на својот фејсбук-профил го објави започнувањето на изградбата на нов парк во Стар Аеродром.
– Го остваруваме ветувањето дека ќе инвестираме во зелени проекти, нови места за релаксација и рекреација за граѓаните. Почна изградбата на новиот парк во Стар Аеродром, проект што е целосно финансиран од општествено одговорна компанија. Аеродром добива нова парк на површина од 2.300 квадратни метри, а граѓаните од овој дел на општината добиваат ново зеленило, место за одмор и рекреација, кое ќе биде уредено со модерна опрема и во согласност со најсовремените стандарди за уредување простори од ваков тип – напиша тој.
Муцунски истакна дека ова е уште еден чекор напред кон зелен Аеродром.
– Изградбата на паркот вклучува поставување урбана опрема, хортикултурно уредување, поплочување на патеките, современ систем за наводнување и модерно лед-осветлување – напиша тој и најави повеќе капитални инвестиции во општината: нови паркови, плоштади и енергетско ефикасни проекти, кои ја создаваат новата реалност и поубавата слика за општината Аеродром.