Однапред програмиран симулатор ќе овозможи процена на должината на речната поврзаност постигната со отстранување на секоја од каскадите и влијанието врз биодиверзитетот како резултат на нивното отстранување

Реките и живиот свет во нив и околу нив не познаваат административни граници, ниту ги разбираат бариерите што им ги поставуваме на патот, честопати и без некоја посебна причина. Водотеците така постепено се сведуваат на базени со вода, а без живот. Каскадите што се градат во реките како застарени механизми за заштита од поплави и за формирање рибници се едни од тие пречки. Тие го оневозможуваат природното движење, го отежнуваат размножувањето и ги осиромашуваат водните заедници.

Ќе се користи методологијата за реката Пчиња

Дали се тие навистина потребни и доколку не, како можат да се отстранат? Ова е прашањето што центарот за истражување и информирање на животната средина „Екосвест“ ќе го одговори преку теренски и други детални истражувања во сливот на реката Пчиња.
– Ќе ги проценуваме каскадите и нивните влијанија врз животната средина, влијанијата врз биодиверзитетот, социоекономското значење и правниот статус. Сите собрани податоци од теренската работа ќе бидат внесени во база на податоци, што ќе овозможи систематска класификација на влијанието на каскадите и ќе даде насоки за нивно отстранување – велат од „Екосвест“.
Однапред програмиран симулатор ќе овозможи процена на должината на речната поврзаност постигната со отстранување на секоја од каскадите и влијанието врз биодиверзитетот како резултат на нивното отстранување. Тоа на крајот ќе овозможи приоритизирање на каскадите што треба да се отстранат за да се постигне најголема можна поврзаност и на најзначајното позитивно влијание врз екосистемот.
– Методологијата, базата на податоци и симулаторот првично користени во случајот со реката Пчиња понатаму ќе се користат на национално ниво за сите речни сливови во земјава. Базата на податоци може дополнително да се пополни со податоци од други речни сливови и ќе служи за идните проекти поврзани со реставрација на реките – изјави Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедници од „Екосвест“.

Прв проект поврзан за реставрација на реките

Овој проект е прв проект поврзан со реставрација на реките преку отстранување на каскадите во земјата. Тоа ќе даде можност да се воведе отстранувањето на браните и каскадите како важен механизам за обновување на реките.
– Исто така, проектот ќе ги идентификува клучните експерти и засегнати страни за други слични иницијативи посветени за реставрација на реките – додава Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на „Екосвест“.
Целта е да се развијат национално применлива методологија и база на податоци со симулатор за идентификација на приоритетни бариери за отстранување со користење на сливот на реката Пчиња како студија на случај. Проектот ќе се спроведува во партнерство со здружението „Геобалканика“, со поддршка на Европската програма за отворени реки – организација за доделување грантови посветена на обновувањето на реките.
Финансирањето од програмата „Отворени реки“ е 67.200 евра (шеесет и седум илјади и двесте евра) за 12 месеци.
На крајот од проектот ќе биде подготвена научна студија, која ќе ја постави основата за слични студии поврзани за евалуација на можностите за обновување на реките. Истата таа ќе се користи и како научен доказ за важноста на обновувањето на реките за здрави и поврзани екосистеми.

С.Ј.