Фото: МОН

Министерството за образование заедно со останатите институции прави анализи по последните масовни дојави за бомби во училиштата и проблемите со платформата за онлајн настава за да се донесат нови препораки. Министерот Јетон Шаќири вели дека се разгледува можноста наставата целосно да оди онлајн, но таква одлука е тешка за донесување.

– Не брзаме да ја донесеме таа одлука. Не е лесна одлука, ќе треба да бидат опфатени и основните училиштата. Дел од училиштата немаат мејлови но добиваат закани, мејловите се испраќаат во една група кај сите и според податоците добиени од МВР се реагира и во училиштата кои не го отвориле мејлот. Затоа велам дека одлуката за целосна онлајн настава во моментов не е лесно да се донесе заради тоа што не се знае кои ќе бидат последиците во другите градови и во другите основни училишта. Ако е целта тоа на тие што ги дојавуваат бомбите, мислам дека нема да се донесе таква одлука толку лесно – рече министерот Шакири.

Тој објасни дека заедно со безбедносните институции посебно го разгледуваат електронското комуницирање оти мејловите не се законска и задолжителна комуникација со институциите, но за тоа да се потврди треба да се изјаснат безбедносните органи.