Во екот на актуелната источна криза, Украина продолжува со својата стратегија за формирање мали сојузи со најразлични држави. Овој пат, таков сојуз се подготвува со Велика Британија и Полска

На повидок троен сојуз: Украина-Велика Британија-Полска

Трилатерален пакт за зајакнување на регионалната безбедност подготвуваат Украина, Обединетото Кралство и Полска. Според најавите, тој требаше да биде формализиран на почетокот на месецов, за време на посетата на британската министерка за надворешни работи Лиз Трус на Киев. Посетата е одложена, како што се наведува, поради здравствени причини, но како што истакнуваат инволвираните страни, подготовките за склучување на договорот продолжуваат.
Не можеме да очекуваме безбедност и просперитет некаде во иднината кога ќе станеме членки на ЕУ и НАТО. Ни требаат и денес. Затоа веќе постигнуваме практично зајакнување со обединување пријателски и блиски земји во мали сојузи. Ова ќе даде можност да се создаде безбедносен појас и да се зајакне оската Балтичко – Црно Море – објасни украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Киев често се повикува на четирилатералниот формат на соработка меѓу министрите за надворешни работи и за одбрана на Турција и Украина, Лублинскиот триаголник (Украина, Полска и Литванија) и „поврзаното трио“ со Грузија и Молдавија.
Тоа не е алтернатива на НАТО или ЕУ, не е ни алтернатива на друг регионален ентитет – таканаречената иницијатива за три мориња. Ова е дополнително средство за соработка – истакна првиот потпретседател на Врховната рада, Олександар Корниенко.

Руските официјални медиуми реагираа на веста за создавање британско-полско-украински сојуз. Рускиот амбасадор во Лондон, Андреј Келин, на јутјуб-каналот „Соловјов во живо“ изјави дека форматот е „склучување мали триаголници, по кои Источна Европа отсекогаш била позната“. Дипломатот како пример ја наведе Вишеградската група (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија), која се појави во 1991 година, покрај Организацијата за демократија и економски развој (Грузија, Украина, Азербејџан и Молдавија).
Сега тие повторно почнаа да создаваат такви мали триаголници: Лублинскиот триаголник, сега овој нов мал сојуз. Овој, како и сите други мали сојузи, веројатно ќе заврши само со разговор – рече дипломатот.
Во разговор за ТРТ на руски, политикологот и економист Андерс Аслунд рече дека Британија, Полска и Украина останале малку надвор од западните структури и имаат природен интерес за соработка.
Британија го компензира своето отсуство од ЕУ со многу активна надворешна и одбранбена политика и со среќна поддршка на Полска и Украина – рече аналитичарот.