Кинезите најавуваат дека ќе донесат примероци од Марс две години пред Американците и Европејците

Кина работи на сложена мисија за собирање примероци од Марс и нивно доставување на Земјата. Мисијата, која никогаш досега не била реализирана, треба да биде започната во 2028 година, со цел примероци од Црвената Планета да стигнат до Земјата во 2031 година, или две години пред заедничката мисија на американските и на европските вселенски агенции, НАСА и ЕСА.
Главниот дизајнер на орбитерот и на роверот „Тјанвен-1“, Суен Цеџоу, ги откри плановите за носење примероци од Марс на Земјата за време на презентацијата што се одржа на 20 јуни. Според најавите, на крајот на 2028 година треба да се извршат две одделни лансирања кон Црвената Планета, со цел да се донесат примероци на Земјата во јули 2031 година.
Цеџоу ја одржа презентацијата на Форумот за технологии за истражување на длабоката вселена, кој е дел од семинарот за прославување на 120-годишнината од универзитетот „Нанкинг“. Амбициозната временска рамка на Кина се судира со НАСА и ЕСА, кои имаат заеднички план да лансираат сопствена мисија и да испорачаат примероци од карпи и прав на Земјата на почетокот на следната деценија. Според распоредот, ЕСА во 2027 година би го лансирала орбитерот што треба да се врати на Земјата, но претходно треба да земе примероци собрани од роверот „Персеверанс“ до 2033 година.
Претходно, во март, НАСА ги објави плановите да ја одложи следната фаза од својата кампања за враќање на примероците од Марс и да ја подели мисијата за слетување на две посебни вселенски летала, за да го намали севкупниот ризик на програмата. Комплексната мисија со повеќе лансирање ќе има поедноставна архитектура во споредба со заедничкиот проект НАСА-ЕСА, со едно слетување на Марс и без ровери за собирање примероци на различни локации.
Влегувањето, спуштањето и слетувањето на следната кинеска мисија на Марс, „Тјанвен-3“, ќе ги користи техниките користени за време на мисијата „Тјанвен-1“ во 2021 година, додека за земање примероци од почвата и карпите на Марс ќе користи технологија што се користела за време на истражување на Месечината. Кога вселенското летало ќе слета на Марс во септември 2029 година, роботот со четири нозе ќе собира примероци и ќе ги пренесе во двостепеното транспортно возило. Ова возило потоа ќе полета и ќе се поврзе со кинескиот орбитер што ќе чека во орбитата на Марс, а кој би требало да отпатува кон Земјата во октомври 2030 година и да пристигне во јули 2031 година.
Интересно е дека кинеската Национална вселенска администрација (ЦНСА) има сличен план како НАСА, но нивната мисија се смета за помалку сложена.
Кинескиот експерт дури рече дека тимот на „Тјанвен-1“, првата кинеска меѓупланетарна мисија, ќе изврши и „тест за сопирање“ во орбитата на Марс за да вежба за мисијата „Тјанвен-3“.