Во јавноста се објавени пикантерии од телефонскиот разговор меѓу Макрон и Путин снимен четири дена пред инвазијата на Украина. Рускиот претседател за време на разговорот се наоѓа во сала и, се чини, повеќе е фокусиран на хокеј-натпреварот што го следи на телевизија отколку на предлозите на Макрон за дипломатско решение на кризата

Приватниот телефонски разговор меѓу Макрон и Путин, францускиот претседател го направи достапен за јавноста

Францускиот претседател Емануел Макрон дозволи јавно да се емитува телефонскиот разговор меѓу него и Путин, снимен четири дена пред инвазијата на Украина.
Со тој потег, Макрон ја прекина традицијата на доверливост што се подразбира во приватните разговори меѓу лидерите.

Интересни детали од приватниот разговор меѓу Путин и Макрон

Во разговорот за кој станува збор, Макрон неуспешно се обидува да го одврати Путин од инвазијата на Украина.
Рускиот претседател за време на разговорот се наоѓа во сала и, се чини, повеќе е фокусиран на хокеј-натпреварот што го следи на телевизија отколку на предлозите на Макрон за дипломатско решение на кризата.
Обраќајќи му се со „Владимир“ и со неформалната заменка „ти“, наместо „вие“, Макрон вели: „Ми треба твојата помош. Ситуацијата на фронтот е многу напната. Вчера навистина го повикав Зеленски да се смири“.
Тој, исто така, го праша соговорникот дали „воените вежби“ на границата ќе завршат следниот ден како што беше најавено, на што овој му одговори дека „најверојатно“ ќе завршат. Макрон потоа го замоли: „Не подлегнувајте на провокации од кој било вид во часовите и деновите што доаѓаат“.
Макрон потоа го повика Путин да го прифати предлогот на претседателот Џо Бајден за средба за смирување на ситуацијата во Украина, но рускиот лидер неволно ја прифати идејата и рече дека ќе побара од неговите помошници да почнат да работат на деталите. „Да бидам искрен, сакав да одам да играм хокеј на мраз. Еве, јас разговарам со тебе од салата пред тренинг“, додаде резигнирано Путин.

Реакции на неодобрување од дипломатската фела поради јавната објава на лидерскиот разговор

Странските лидери отсега ќе бидат повнимателни кога разговараат со Макрон, се огласија дипломатите, по објавувањето на приватниот лидерски разговор со кој беше прекршен дипломатскиот бонтон.
Официјален Кремљ му замери на Макрон за прекршување на протоколот за дипломатски приватни разговори помеѓу лидерите. Но инцидентот предизвика и зачуденост и изненаденост и кај западните дипломати.
Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, во врска со овој случај изјави дека публикувањето во јавноста на деветминутната размена на зборови е тежок прекршок на дипломатскиот бонтон.
– Дипломатскиот бонтон не вклучува еднострано објавување такви снимки – рече Лавров.
Во врска со спомнатиот случај се огласи и портпаролката на Кремљ, Марија Захарова.
– Кога Макрон му се јави на рускиот претседател, целиот разговор беше снимен од новинари. Ова е само еден пример како Французите чудно ја толкуваат дипломатијата – рече Захарова.
По долго време и некои западни дипломати се согласуваат со одредено руското гледиште, а тоа е токму во овој случај. Во амбасадите во Париз дури беше впечатливо запрепастувањето поради одлуката на Макрон да даде зелено светло за споменатиот дијалог да биде вклучен во документарен филм, прикажан кон крајот на јуни на француската државна телевизија Франс 2.

Во документарец објавени и приватни разговори на Макрон со Борис Џонсон, Олаф Шолц и со Володимир Зеленски

Двочасовниот документарен филм „Претседател, Европа и војна“ вклучи и делови од повиците на Макрон до Борис Џонсон, германскиот канцелар Олаф Шолц, како и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во документарецот може да се слушне како британскиот премиер Борис Џонсон изразува скептицизам за напорите за продолжување на дијалогот со рускиот лидер.
„Секогаш кога разговараме со Владимир Путин, добивам впечаток дека тој станува сѐ поагресивен. Ми се чини дека ние звучиме по малку слабо. Тој нема да застане додека не го добие она што го сака…“, вели Џонсон.
Во друга интересна сцена може да се види како Макрон, по посетата на Украина со германската канцеларка, признава дека неговите дипломатски напори биле залудни.
„Разговаравме, поминавме многу време обидувајќи се да ја запреме војната… Мислев дека можеме да најдеме излез со Владимир Путин врз основа на доверба и интелектуален разговор“, рече тој.
Елисејската палата го одобри документарниот филм, кој го режираше Ги Лагаш, но портретот на претседателот дипломат не беше толку ласкав како што се надеваа. Иако навистина повремено му се спротивставуваше на Путин, впечатокот е дека Макрон испадна изманипулиран.
Пјотр Смолар, дописник на „Ле монд“ од Вашингтон, на Твитер напиша дека филмот ја разоткрива „француската дипломатија управувана од неколку луѓе што се однесуваат како да водат стартап и мислат дека сè може да се реши со мобилните броеви на Олаф, Володимир и Владимир“.