фото: Илустрација

Украинското Министерство за надворешни работи денеска како дезинформација и провокација ги оцени наводите на Руската Федерација за тоа дека во земјата се создава биолошко оружје.

Киев наведува дека Русија продолжува да шири дезинформации за оружје за масовно уништување во Украина, соопштија украинските медиуми, a пренесува МИА.

– По серијата апсурдни изјави на руски официјални лица за наводното создавање „валкана“ нуклеарна бомба во нашата земја, руската машина за дезинформации се префрли на биолошко оружје – се наведува во соопштението на украинското МНР.

Украинската дипломатија го цитира Министерството за здравство, кое ги демантираше информациите на руските медиуми за „итно чистење на трагите од воено-биолошката програма финансирана од Министерството за одбрана на САД“ и „уништување на исклучително опасни патогени“.

Од Министерството за здравство на Украина посочуваат дека во нивната земја нема американски лаборатории.

– Сите лабораториски капацитети во Украина извршуваат една заедничка функција: укажување и идентификација на инфективни агенси кои имаат значителен епидемиски потенцијал или се од меѓународно значење и се предмет на регулирање во согласност со меѓународните здравствени прописи – се додава во соопштението.