Фото: Пиксабеј

Системот за ладење на француската банка за крв бил цел на кибернапад сличен на хакерските упади врз фрижидерите и замрзнувачите во европските супермаркети.

Благодарение на системите за следење и алармирање, зголемувањето на температурата било навремено откриено, по што биле преземени соодветни мерки. Од банката за крв информираат дека нема компромитирани примероци или крвни производи.

Нападот погодил три простории во објектот, во кои температурата се зголемила од минус 30 на плус 11 степени Целзиусови.

За системите за ладење на француската банка за крв била задолжена надворешна компанија. По инцидентот, системите повторно биле ставени под контрола, а крвните производи биле префрлени во други објекти како превентивна мерка.

Кибернападот врз банката за крв следува по серијата инциденти во европските супермаркети, во кои хакери ја зголемиле температурата во фрижидерите и замрзнувачите во Белгија, Шведска, Ирска, Луксембург, Естонија, Финска, Германија и Холандија. Сличен инцидент во големите француски супермаркети бил регистриран и во средината на октомври.