Судија на претходна постапка од Основниот суд во Штип го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и им одреди осумдневен притвор на двајца вработени во Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, осомничени за компјутерска измама и злоупотреба на службената положба, пренесе МИА.
Како што информираа Обвинителството и Министерството за внатрешни работи, во случајот со бришење и манипулирање со податоци во електронскиот индекс се опфатени 44-годишниот Р.Т., раководител на системот е-индекс, и 44-годишната М.М.Н., советничка во студентската архива.
Според информациите од МВР, Р.Т. во подолг временски период, за различни парични суми, на студенти од Турција им пријавувал испити по истекот на предвидените рокови, како и по затворањето на системот за пријавување. Тој, според сомнежите, бришел оценки и кредити од електронските индекси за студентите да можат да запишат нов семестар или година, а внесувал и податоци дека наводно е платена потребната школарина.
При претресот во неговиот дом биле одземени три лаптоп-компјутери, четири мобилни телефони, УСБ-стикови, документација и пари. Со судска наредба било извршено пребарување на системот е-индекс и базата на податоци на Универзитетот, при што биле пронајдени и одземени електронски записи за извршени промени.
Дополнително, биле пронајдени записи за промени во системот направени и од М.М.Н., по што, со дополнителна судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом и таа била лишена од слобода.
Според Обвинителството, сомнителните активности се одвивале во периодот од 2021 до 2026 година, при што двајцата вработени се стекнувале со материјална корист. Нејзината досегашна процена изнесува околу 21.000 евра.



































