Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска во Европскиот парламент во Брисел остварила средба со европратениците Дан Барна од Романија (Renew), Тајс Ројтен од Холандија (С&Д), Матеј Тонин од Словенија (ЕПП) и Карло Реслер од Хрватска (ЕПП), пренесе МИА.
Како што соопшти Кабинетот на претседателката, на средбата Силјановска-Давкова потсетила на 21-годишниот кандидатски статус на Македонија и на нејзината континуирана посветеност на европската интеграција, поткрепена со значајни реформи.
Таа нагласила дека политичката волја за напредок во евроинтегративниот процес не треба да се очекува само од земјите кандидатки, туку и од Европската Унија. Според неа, потребни се креативни решенија за надминување на долгогодишниот застој, без да се доведуваат во прашање македонскиот национален и културен идентитет.
Соговорниците се согласиле дека Македонија припаѓа во Европската Унија, независно од предизвиците на патот кон членството.
Дел од европратениците посочиле дека искуствата на нивните земји покажуваат оти пристапниот процес може да биде долг и исполнет со сложени услови, при што постигнатиот напредок не секогаш е соодветно препознаен.
Силјановска-Давкова оценила дека континуираниот дијалог и заедничкиот ангажман можат да придонесат за обновување на динамиката на проширувањето, кое го посочила како стратешка инвестиција во стабилноста, безбедноста и единството на Европа.

































