Илустрација / Фото: Пиксабеј

Јапонија ќе соработува со Велика Британија и Италија на проектот за нова генерација борбени авиони, соопштија денеска трите земји.

Токио, Лондон и Рим ќе започнат амбициозен проект за развој на борбен авион од новата генерација, а прототипот се очекува до 2035 година, како дел од „Глобалната борбена воздухопловна програма (GCAP – Global Combat Air Programme), посочуваат владите на трите земји во заедничкото соопштение.

Како што се наведува, ќе има можности за соработка и со други партнери. Јапонија се стреми да ја прошири соработката во областа на одбраната и со други партнери покрај нејзиниот традиционален сојузник САД.

Соработката ќе се заснова на истражувања кои веќе ги иницираа трите земји во областа на високите технологии во борбената авијација, како што се беспилотни летала, и претставува прво здружување на Јапонија со европски партнери во оваа област.

Многу детали за проектот се уште не се познати, ниту колку ќе чини, изјави претставник на јапонското Министерство за одбрана, кој прецизираше дека производството треба да започне околу 2030 или 2031 година за да може да се создаде прототип до 2035 година.

– Кога ќе ги погледнете другите земји, САД го имаат Ф35, а Европа го има Еурофајтер. Ние секако ќе се стремиме да развиеме борбени авиони кои ги надминуваат можностите на тие модели – рече тој функционер.

Во центарот на проектот би требало да бидат јапонските Мицибуши хеви индастрис (Mitsubishi Heavy Industries), британската БАС системс (BAE Systems) и италијанскиот Леонардо (Leonardo), посочува јапонскиот економски весник „Никеи“.

-Ние сме решени да го браниме слободниот меѓународен поредок, отворен и заснован на правила, што сега е поважно од кога било, бидејќи овие принципи се оспорувани, а заканите и агресијата растат. Со оглед на тоа што е важно да ја браниме нашата демократија, нашата економија и нашата безбедност и да ја заштитиме регионалната стабилност, ни требаат цврсти партнери во областа на одбраната и безбедноста, опремени и зајакнати со веродостојна моќ за одвраќање – се вели во соопштението.