Европската Унија (ЕУ) забележа зголемување на годишната инфлација до 11,5 отсто. Исто така, годишната инфлација во eврозоната (официјално наречена еврообласт, која е Европска и монетарна унија (ЕМУ) составена од осумнаесет земји-членки на ЕУ што го вовеле еврото како нивна основна валута) се зголеми дури до 10,6 отсто
Во октомври годинава, годишната стапка на инфлацијата за еврозоната изнесуваше 10,6 отсто, што е зголемување во однос на септември кога изнесуваше 9,9 отсто. За споредба, минатата година стапката на инфлација изнесуваше 4,1 отсто.
Од друга страна, годишната стапка на инфлација во Европската Унија (ЕУ) изнесуваше 11,5 отсто во октомври, што е зголемување во однос на претходниот месец кога таа изнесуваше 10,9 отсто. За разлика од тоа, лани стапката на инфлација беше 4,4 отсто.
Инаку, овие пресметки ги подготви „Евростат“, статистичка агенција на ЕУ.
Најниските годишни стапки на инфлација беа регистрирани во Франција (7,1 отсто), Шпанија (7,3 отсто) и во Малта (7,4 отсто). Највисоките годишни стапки на инфлација беа забележани во Естонија (22,5 отсто), Литванија (22,1 отсто) и во Унгарија (21,9 отсто). Во споредба со септември, годишната стапка на инфлацијата паднала во единаесет земји-членки на ЕУ, останала стабилна во три, а пораснала во тринаесет.
Во октомври, најголемата причина за годишната стапка на инфлацијата во еврозоната потекнуваше од енергијата (+4,44 процентни поени), потоа следуваа храната, алкохолот и цигарите (+2,74 процентни поени), услугите (+1,82 процентен поен) и неенергетските индустриски стоки (+1,62 процентен поен).