Проблемот на регистерските таблички засега симнат од дневен ред со меѓународно посредништво

Според експертите што го анализираат најновиот развој на настаните, ваквиот исход од преговорите имплицира дека Србија се откажува од регистарските таблички, а Косово се откажува од сите чекори како предупредувања или казни во однос на регистарските таблички, со што се отвора патот за преговори на ниво на лидери за сеопфатен договор според француско-германскиот предлог

Деескалација на односите меѓу Белград и Приштина, за почеток постигнат договор
за регистарските таблички

По речиси две години жесток спор за регистарските таблички, Белград и Приштина постигнаа договор за негово надминување. Спорот сериозно ги оптоваруваше односите меѓу Србија и Косово. Пресвртот се случи на средбата на главните преговарачи на Србија и Косово, Петар Петковиќ од Белград и Бесник Бислими од Приштина, со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалог, во Брисел, на 23 ноември.
Договорот предвидува Србија повеќе да не издава регистарски таблички со имињата на градовите во Косово, додека косовските власти нема да ги принудуваат возачите што ги имаат овие таблички да ги пререгистрираат своите автомобили.
„Имаме договор“, објави на Твитер високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, потврдувајќи дека Белград и Приштина постигнале согласност за долгиот спор за регистарските таблички.
– Со задоволство можам да соопштам дека главните преговарачи на Косово и на Србија, со помош на ЕУ, се договорија за мерките со кои ќе бидат избегнати натамошни ескалации и е овозможено во целост да се насочат на предлогот за нормализирање на односите – напиша Борел на Твитер.
Главниот српски преговарач Петар Петковиќ истакна дека српската страна успеала да ги зачува мирот и стабилноста и дека косовскиот премиер Албин Курти „вечерва прифати се што одбиваше сите претходни денови“.

Главниот преговарач на делегацијата од Приштина, Бесник Бислими, изјави дека сега интензивно треба да се разговара за предлогот на ЕУ, попознат во јавноста како француско-германски предлог. По разговорите во Брисел, Бислими потврди дека претставниците на ЕУ многу брзо ќе ги поканат Александар Вучиќ и Албин Курти да започнат интензивни разговори за тој предлог.
Прашањето за пререгистрација на табличките за градовите во Косово што досега ги издаваше Србија, а кои властите во Приштина не ги признаваат и бараат да бидат заменети со косовски ознаки, со месеци претставуваше нерешлив проблем во преговорите, во кои посредуваше европскиот дипломат Мирослав Лајчак. И Лајчак им се заблагодари на преговарачите Петар Петковиќ и Бесник Бислими на конструктивноста. Тој на Твитер ѝ се заблагодари и на американската администрација за, како што наведе, непроценливата поддршка.
– САД го поздравуваат договорот меѓу Белград и Приштина во врска со спорот за регистарските таблички на северот на Косово – изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.
Тој оцени дека станува збор за „мерки со кои ќе се избегне понатамошна ескалација на тензиите“.
– Го пофалуваме договорот меѓу двете земји, за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите и целосно и итно да се концентрираат на нормализирање на односите под покровителство на дијалогот олеснет од ЕУ. Го поддржуваме дијалогот со ЕУ како најдобар начин Србија и Косово да имаат европска иднина – рече портпаролот на Стејт департментот.
Прајс рече дека САД ја поздравуваат одлуката на двете страни да ги стават интересите на луѓето на прво место и да го подобрат квалитетот на секојдневниот живот.
– Двете страни вчера презедоа огромен чекор, под покровителство на ЕУ, кон консолидирање на мирот и стабилноста во регионот. САД ги поздравуваат конструктивните преговори и го охрабруваат понатамошниот напредок – рече Прајс.
Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, го поздрави договорот меѓу Косово и Србија за регистарските таблички постигнат во Брисел, истакнувајќи дека табличките КМ (Косовска Митровица) остануваат во употреба и дека „никој нема да ги одземе и нема да има казни“.

– Сакаме да ги информираме граѓаните дека сите сопственици на возила со КМ-таблички ќе можат нормално да функционираат и кога ќе им истече постојната регистрација. Тие ќе можат да ја продолжат важноста на својата КМ-регистрација како досега – стои во соопштението на Српска листа.
Оттаму додаваат дека постојните регистарски таблички остануваат и повторуваат дека ќе се продолжуваат, но нови таблички нема да се издаваат.
Според експертите што го анализираат најновиот развој на настаните, ваквиот исход од преговорите имплицира дека Србија се откажува од регистарските таблички, а Косово се откажува од сите чекори како предупредувања или казни во однос на регистарските таблички, со што се отвора патот за преговори на ниво на лидери за сеопфатен договор според француско-германскиот предлог. Наедно се очекува тоа да има сериозно влијание на смирувањето на тензиите на северот на Косово. Дотолку повеќе што на тој начин е исполнето првото од двете барања на Србите што ги напуштија косовските институции на 5 ноември, откако Владата на Косово воведе опомени и најави парични казни за сите што не сакаат да ги променат српските регистерски ознаки со ознаките на Република Косово. Укинување на одлуката за пререгистрација е првото барање, а второто се однесува на формирањето заедница на српски општини.